Куклената претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“ дава силен поттик на детската фантазија

Театарот за деца и младинци во Скопје на 26 декември премиерно ја изведе куклената претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“, работена според романот од Астрид Линдгрен, а во режија и драматизација на Јакуб Максимов од Чешка.

Во реализацијата на претставата учествува мешана театарска екипа со автори од Чешка, Полска, Србија и Македонија. Драматург и автор на преводот на текстот е Горјан Милошевски. Сценографијата, костимографијата, дизајнот на кукли и маски, како и на плакатот и брошурата е на Олга Зјебинска од Полска, а композитор и корепетитор е Лазар Новков од Србија.

Актерите Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов играат и изведуваат сонгови на сцената.

Со „Роња, ќерката на ограбувачот“ детската театарска публика добива нова форма на куклена претстава, во која актерите го ставаат акцентот во изведбата на драмското дејство, што од друга страна повикува на взаемно внимание, а не на интеракција со децата. Сите движења на куклите, гласови и музика се изведуваат на сцената, со што процесот на изведбата станува покомплексен и изискува поголема концентрација на актерите, кои се движат, зборуваат, пеат и свират, речиси, истовремено.

Режисерот Максимов се одлучил да го постави текстот на Линдгрен бидејќи приказната за малата Роња е полна со акција и затоа сосема природно се појавила идејата да ја адаптираат во куклена претстава со многу ритмични и музички секвенци. Додека Роња расте доживува многу пресвртници. За едно такво дете, природно е што некои од нејзините сознанија ќе бидат малку поразлични од начинот на кој размислуваат нејзините родители.

Со поставувањето на оваа претстава на својот репертоар, Театарот за деца и младинци во Скопје оди чекор напред во однос на ширењето на маргините на својата дејност. Претстави од овој тип, од една страна, носат инвентивен пристап во создавањето на оригинален театарски продукт, а од друга страна, силно ја будат имагинацијата и фантазијата на децата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 161, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 31 декември 2022 – 2 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот