Куќните помошнички не смее да примаат плата под минималната

Фото Архива на СП

Работодавачите и работниците што ќе се нафатат да бидат куќни помошници можат да се договорат и да склучат договор за работен однос, предвидува новиот закон што треба да донесен во втората половина од годинава

Семејствата што ќе ангажираат куќни помошнички нема да смеат да им понудат плата што ќе биде помала од минималната, ниту, пак, да им го исплаќаат одработеното во натура. Ова е дел од новините во Предлог-законот за работни односи, кој ја препознава домашната работа. Работодавачите и работниците што ќе се нафатат да бидат куќни помошници, можат да се договорат и да склучат договор за работен однос. Доколку лицето што ќе биде ангажирано не сака да биде вработено, тоа само по себе, не претставува основана причина за откажување на договорот за вработување ниту, пак, може да доведе до понеповолни услови за работа на работникот. Работникот што работи дома има исти права и услови за работа определени со закон и колективен договор, вклучувајќи и пристап до обуки и еднакви можности за кариерен развој и колективни права од работен однос, како и работник што работи во просториите на работодавачот.

Во законот, кој треба да биде донесен во втората половина од оваа година, се предвидува и заштита на лицата ангажирани како куќна помош и тоа преку одредбата според која трудовиот инспектор ќе има право на пристап во местото во кое работникот ги врши работните задачи определени во договорот за вработување, со цел да се обезбеди почитување на прописите. Инспекцискиот надзор во домот на работникот ќе може да се врши со претходна најава со согласност на работникот во рамките на работното време.

– Работникот самостојно ги организира своето работно време, односно својата работа, освен ако со распоредот и распоредувањето на работните часови, односно со организацијата на работата определена од страна на работодавачот, поинаку не е уредено. Траењето и организацијата на работното време и на одморите на работникот се определуваат во согласност со одредбите од овој закон и колективен договор. Работодавачот е должен да го извести Инспекторот на трудот за склучување договор за вработување за вршење работа дома и тоа во рок од три дена од денот на склучувањето на договорот – предвидува законот.

Во 2011 година, Меѓународната организација на трудот донесе закон со кој се признаа работничките права на милиони домашни помошници, како домаќинки, дадијарки и готвачи низ светот. Организацијата на ОН која се занимава со правата на вработените во светот, гласаше да се донесе нова резолуција за куќните помошници. Истата година и кај нас куќните помошници ги добија истите права на безбедност и здравје при работа, откако Уставниот суд го укина членот од Законот со кој се предвидуваше тие права да не се применуваат на нив. Укинувањето се случи откако Судот оцени дека таквата одредба создава нееднаквост. Иницијативата беше поднесена од две здруженија на граѓани „Магна карта“ од Велес и „Движење за социјална правда – Ленка“ од Скопје.

Според текст објавен во францускиот „Ле монд дипломатик“, на милион работни места за ИТ-девелопери за кои се верува дека ќе се создадат до 2026 година, доаѓаат четири милиони домашни помошнички и негувателки – со четирипати помала плата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот