Кујнското катче на Ана Крстаноска: Крем салата со препечен сусам
Ана Крстаноска е млада и креативна жена, која стои зад еден од најубавите инстаграм-профили за храна кај нас – „Ана кичен корнер“ (ana_kitchen_corner).
Готвењето ѝ е вистинска пасија и хоби на кое му пристапува со голема љубов и посветеност.
– Приготвувањето храна го доживувам како мое хоби, кое го надополнувам со многу љубов и внимание секогаш кога сум во можност. Среќна сум кога им спремам нешто вкусно на моето семејство и на моите пријатели и токму тоа ми ја полни душата со позитивна енергија – вели таа.
Денеска Ви го претставуваме нејзиниот рецепт за крем салата со препечен сусам.
– Јас обожавам препечен сусам, особено во ваква комбинација. Оваа салата е брза и освежителна за секој период од годината – вели Крстаноска.
Потребни состојки:
- 500 г урда
- 100 г сусам
- 3-4 лажици павлака (може и повеќе ако сакате)
- краставица сечкана на мали коцки
- 2-3 чешниња лукче толчени или можете намаз од лук како замена
- Зачини по вкус
Подготовка:
Сусамот се става на тавче и се потпекува со мешање да не изгори т.е. да добие златна боја.
Урдата се гмечи со виљушка. Се додаваат сусамот и другите состојки и убаво се меша.
Кога ќе биде готова, салатата се става во фрижидер за да се излади.
Оваа салата е одлична како предјадење и оди во секаква комбинација. К. С.