Ќучук: Добрососедски односи клучен дел од процесот, но не од преговарачката рамка

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук, за МИА изјави дека е задоволен од широката поддршка за неговиот извештај за земјата во Европскиот Парламент, и смета дека се постигнати важни компромиси меѓу сите страни.

Редовниот парламентарен извештај за напредокот на Северна Македонија беше изгласан со 61 гласа „за”, четири „против” и два воздржани.

За европратеникот од Бугарија и автор на документот ова претставува важен успех, вели тој за МИА.

-Имаме огромно мнозинство затоа што успеавме да собереме голема поддршка, поминаа сите компромиси, јас сум седум години во Комисијата за надворешни работи и обично мнозинството е околу 50 гласа, ова е навистина широка поддршка, вели Ќучук во изјава за МИА.

Извештајот на 25 март ќе биде поднесен за гласање на пленарната седница на Европскиот Парламент, каде и таму се очекува широка поддршка.

Документот ги истакнува областите каде што е постигнат напредок во Северна Македонија, но и областите каде што се потребни дополнителни напори. А, во однос на добрососедските односи и односите со Бугарија се нагласува нивната важност за целокупниот процес.

-Добрососедските односи се важен дел од преговарачкиот процес, без нив нема напредок во процесот ако Бугарија и Северна Македонија не најдат разбирање, но тие не треба да бидат дел од преговарачката рамка, вели Ќучук за неговиот извештај.

Според него сега е важно Скопје и Софија да ја вратат доверба од 2017 која „по пат се изгуби”, историските прашања да ги разгледаат историчарите и да се стави акцентот на поврзаноста помеѓу двете страни од секој аспект: инфраструктурен, човечки, образовен, итн.

-Има конкретни нешта и тие треба да продолжат, реално се случуваат конкретни работи и само врз база на позитивен наратив ќе може да се напредува, вели известувачот, и додава дека она што највеќе пречи се искривените информации и фалсификувани факти помогнати од националистите од двете страни, додава тој.

Известувачот го поздрави и компромисот постигнат за делот од извештајот кој се однесува на усвојувањето на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Имено, едните бараа да стои „што е можно поскоро”, а други бараа да стои „веднаш”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот