Кучешка авантура која не смеете да ја пропуштите

Нема ништо подобро од топла семејна драма која ќе ве разнежи, а притоа многу веројатно и ќе ви измами некоја солза од очите. Токму со „Кучешка авантура“ не само што ќе станете емотивни, туку сигурен сум дека дури и во случај да не сте голем љубител на кучиња, веднаш откако ќе го изгледате филмот, барем за кратко, низ глава ќе ви помине мислата да посвоите кученце.

Во режија на Гејл Манкузо, а според сценариото напишано врз база на книгата на авторот В.Брус Камерон, „Кучешка авантура“ е втората филмска адаптација на овој роман, која на големите екрани излезе годинава, кога на 17 мај ја имаше својата премиера во САД, за набргу потоа да зпаочне да се прикажува и ширум светските кино сали.

Животот низ призмата на кучето Бејли, кое прави буквално сѐ, за да го заштити својот сопственик, всушност доаѓа како второ продолжение на сега веќе познатата филмска приказна која ги освои срцата на критичарите и публиката во 2017 година, тогаш под наслов – „Намерите на кучето“.

Сега, иако целта на Бејли е идентична како и во првиот дел, патувањето на главниот протагонист овојпат е сосема поразлично, но она што е интересно е дека љубителите на првиот филм нема да останат разочарани, напротив, истовремено си добиваат ново, уште посмешно, повозбудливо, но и потрогателно продолжение.

Најстраствените љубители на кучиња верувам дека се првите на кои филмот ќе им го привлече, или веќе им го привлекол вниманието, вклучително децата, но постојат многу причини зошто буквално секој обожавател на квалитетна драма треба да го гледа овој филм, без разлика на тоа дали сака кучиња.

Филмот ја следи приказната за кучето Бејли кое се реинкарнира во друго, па во трето куче со сосема друго име, само со една и единствена цел – да го чува својот сопственик! Станува збор за животна приказна на едно семејство, Итан и неговата сопруга се сопственици на Бејли, а Итан чувствува посебна приврзаност кон своето куче.

Филмот всушност ни го раскажува самиот Бејли, го објаснува секој свој чекор, како реагира на заповедите кои ги добива од луѓето, и како кучињата ги перцепираат работите, за целото тоа навистина да изгледа толку вистинито, преку некои доста смешни и урнебесни сцени.

Синот на Итан, кој веќе е починат, бил оженет со Глорија, жена која има проблеми со алкохолот, па таа сега живее во домот на Итан, заедно со својата ќерка Си-Џеј.

Бејли е веќе постаро куче, кое нема долго да живее, но е посебно близок со Си-Џеј, уште кога таа е само бебе. Бејли ќе добие една единствена задача од Итан, која ќе го следи до крајот на животот, а тоа е да ја чува Си-Џеј и никогаш да не ја напушти.

Со тоа и започнува една незаборавна кучешка авантура преку забава, тага, реинкарнација и сѐ она што е потребно за Си-Џеј да биде заштитена, посебно во времето кога нејзината мајка одлучува да се отсели од домот на Итан и да живее сама со ќерка си.

Преку целата понатамошна филмска проекција, која вкупно трае час и 48 минути, доловена ни е безусловната љубов на кучињата, но и не само тоа, туку и нивната верност и непоколебливост да се направи што било, само за да се заштити својот сопственик.

Тоа е задачата на Бејли, кој умира, повторно се раѓа, ѝ иако на крај е сосема трето куче, тоа никогаш не го заборава ветувањето кое му го даде на Итан – да ја чува Си-Џеј!

Преку една срцепарателна, но на крај драма со класичен холивудски „хепи енд“, овој филм повторно не потсетува дека кучињата ни се најдобри пријатели. Тие никогаш не забораваат, едноставно никогаш не престануваат да нѐ следат, без разлика каде одиме.

Подгответе се за солзи, ова е само најава за тоа што ве очекува, а иако како што веќе реков, крајот е среќен, додека целата приказна да кулминира, ве очекува една вистинска кучешка авантура која не смеете да ја пропуштите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот