Куба повторно се отвора за туристи по успешната масовна вакцинација со сопствени вакцини

Куба е една од ретките земји кои самостојно го победуваат корона вирусот/ Фото: ЕПА

Куба повторно е отворена за туристи, откако со својата домашно развиена и произведена вакцина успеа да го запре ширењето на коронавирусот.

По тешки дванаесет месеци, кога пребрзото отворање на земјата ја интензивираше пандемијата, смртните случаи го достигнаа врвот и државата повторно воведе „затворање“ успешната програма за вакцинација ја забави пандемијата во земјата. Куба сега е една од ретките земји со пониски приходи каде не само што е вакцинирано мнозинство од населението, туку и единствената што го направи тоа со вакцина што ја развила сама.

Кога почна пандемијата Ковид-19, Куба одлучи да не чека остатокот од светот да развие вакцини. Тамошните власти знаеја дека 60-годишното економско ембарго на САД против земјата ќе спречи производи произведени од САД да се извезуваат таму, што би значело отежнато снабдување со вакцини и лекарства, наведува „Нејчр“. – Најдобро беше, за заштита на нашето население, да бидеме независни, вели Висенте Верез Бенкомо, генерален директор на Институтот за вакцини Финлеј во Хавана.

Така, Институтот Финлеј и другите државни биотехнолошки центри на Куба започнаа да развиваат свои вакцини против Ковид-19 со надеж дека барем една од нив ќе биде ефекасна. Според резултатите добиени на 6 ноември, Верез Бенкомо и неговите колеги информираа дека една од вакцините на институтот, Soberana 02, е повеќе од 90 отсто ефикасна во заштитата од симптоматски Ковид-19 кога се користи во комбинација со сродна вакцина. Посебно се истакнува дека комбинацијата се чини дека е ефикасна против високо преносливата Делта варијанта на коронавирусот САРС-КоВ-2, која предизвика пораст на хоспитализации и смртни случаи ширум светот и сега е одговорна за речиси сите случаи на Ковид-19 во Куба.

Според податоците објавени на 18 ноември, 89 отсто од населението на Куба – вклучително и деца на возраст од 2 години – примиле најмалку една доза Soberana 02 или другата кубанска вакцина, наречена Abdala, која се произведува во Центарот за генетско инженерство и биотехнологија (CIGB) во Хавана. Центарот во јули објави дека Абдала, вакцина со три дози, била повеќе од 92 отсто ефикасна во испитувањата во фаза III кои опфатиле повеќе од 48.000 учесници, но целосните резултати сè уште не се објавени.

Регулаторната агенција на Куба ги одобри вакцините Abdala и Soberana 02 за употреба кај возрасни соо во јули, односно во август, а здравствените работници почнаа да ги имунизираат децата со двете вакцини неколку месеци подоцна. Земјата почна да ги извезува двете домашни вакцини во Венецуела, Виетнам, Иран и Никарагва. Куба побара од Светската здравствена организација да ги одобри нејзините вакцини – што е важен чекор за да се овозможи да бидат достапни во светот во развој.

Видео на денот