КСП „Центар-Јадро“: Институционална иновација за заедничко добро

Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“, како нов модел на цивилно-јавно партнерство, на 7 октомври беше претставен пред јавноста, а со тоа и официјално отворен за активности и проекти од областа на уметноста и културата.

Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ е јавна установа од областа на културата формирана по принципот на цивилно-јавно партнерство за потребите на заедницата. Таа негува инклузивна, демократска и прогресивна култура низ креирање програми, афирмација, едукација и развој на уметнички и социокултурни практики во соработка со поединци, формални и неформални групи.

Установата заеднички ја основаа Општина Центар и „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена. Новиот модел на функционирање треба да овозможи долгорочна одржливост како резултат на урамнотежениот однос помеѓу јавното финансирање и надзорот, од една, и независното програмирање и партиципативно носење на одлуките, од друга страна.

На отворањето на КСП „Центар-Јадро“ се обратија Искра Гешоска, прва претседателка на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена и членка на Програмскиот совет на КСП „Центар-Јадро“, Теодор Целакоски, член на УО на Регионалната платформа за независна култура „Кооператива“, Јасмина Билаловиќ, директорка на КСП „Центар-Јадро“, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, и Јане Чаловски, претседател на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена, кој се вклучи од Берлин.

Искра Гешоска укажа на клучните мотиви за формирањето на овој нов, пионерски, одржлив, автономен и демократски модел на институција, кој конечно покажува дека соработката помеѓу граѓанскиот сектор и локалната самоуправа може да биде проникнувачка и оперативна, а не само флоскула што ќе остане мртво слово на хартија. Таа потенцираше дека ова е точката од која треба да појдеме во менувањето на културата во нашето општество, како нешто што е столб на еманципаторските, демократските, институционалните и општествените промени, а не само општествен декор.

– Со создавањето на КСП „Центар-Јадро“ сакавме да покажеме дека се можни и други начини на дејствување и содружништво, како и органско поврзување. КСП „Центар-Јадро“ е многу повеќе од простор, тоа е нов модел на институција што ќе создава автономни самоорганизирани содржини – истакна Гешоска.

Во своето линковско вклучување од Загреб, Теодор Целакоски го изрази своето задоволство за отворањето на центарот, во чиј долготраен процес на формирање бил активно вклучен, дури и емотивно. Тој направи паралела со нивниот пример во Загреб, каде што, исто така, биле потребни седум години од првичната идеја до финалната реализација на културниот центар „Погон“.

– Нашите културни и општествени системи често се ригидни во однос на ваквиот тип институционални иновации. Иако навидум се маргинални во контекст на целокупното културно уредување, тие се предвесници за можните трансформации во културата. На овој начин ние се спротивставуваме на приватизацијата и девастацијата на јавните добра и јавната инфраструктура и преку новите модели на управување, се застапуваме за демократско и отворено делување во корист на заедницата – нагласи Целакоски.

Директорката на „Центар-Јадро“, Јасмина Билаловиќ, го објасни повеќегодишниот процес на формирањето на центарот, го претстави тимот на центарот и ја истакна несебичната поддршка и заложба на културната заедница, локалните власти заедно со актуелниот и поранешниот градоначалник на Општина Центар, како и бизнис-секторот.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, истакна дека КСП „Центар-Јадро“ е првата институција по моделот на цивилно-јавно партнерство во нашата држава, и втора во регионот, по „Погон“ од Загреб. Според Јане Чаловски станува збор за исклучително важен чин за независната културна сцена, која со години се стремела да направи нешто што е за заедничкото добро, односно простор каде што креативноста, критичката мисла и заедницата ќе бидат отсликани на најдобар можен начин и каде што заедничкото ќе го надмине партикуларното.

Тој откри дека наскоро истиот модел ќе се преслика со отворањето на новиот културен центар „Подиум-Јадро“ во Кавадарци. КСП „Центар-Јадро“ овозможува бесплатно користење на просторот и ресурсите за спроведување програми од областа на современата уметност и култура од страна на организации, поединци, неформални групи, како и поширокиот граѓански сектор со цел спроведување програми од интерес за заедницата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 52, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-12 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот