Кржаловски за СП: Зошто Бугарија не бара Бугари во српскиот или грчкиот Устав?

кржаловски
Фото: Александар Кржаловски, директор на МЦМС

Македонија има сериозни аргументи со кои може да одговори на зголемените барања на Бугарија зад кои всушност се кријат други земји, смета аналитичарот Александар Кржаловки. Според него, Софија испорачува нови и потешки барања, со цел Владата да ги прифати претходните „полесни“ барања.

– Мој впечаток е дека зголемените барања на Бугарија кон Македонија, беа пет, па пет плус еден, па сега излегува и нешто плус, всушност служат за амортизација на притисокот од другите ЕУ членки кон нив, да демонстрираат дека наводно Македонија не исполнува некакви „европски“ услови. Дополнително, за домашна употреба сметаат на добивање политички поени пред изборите во ноември (како што му успеа на Караманлис со ветото во 2008 година). Конечно, со зголемувањето на барањата, има ефекти и кон нас, особено кон нашата Влада, дека кога се соочени со нови и поневеројатни барања, тогаш ќе станат поприфатливи тие првичните барања и кога ќе се доведеме во теснец можеби ќе се донесат избрзани и неповолни решенија (како што се случи со Преспанскиот договор, после блефот со „Илинденска Македонија“) – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Тој додава дека со новите барања Бугарија излегува од „дипломатската пристојност“, а со тоа прави и грешки.

– На пример, за барањето за внес на терминот „Бугари“ во нашиот Устав, автоматски се поставува прашањето на реципроцитет и обратното прашање, зошто не и „Македонци“ во бугарскиот Устав? Објаснувањето дека не може да има реципроцитет, кое дури и нашиот министер Бујар Османи го прифати со образложение дека и ова е поместување на позицијата на Бугарија, едноставно не држи вода и лесно ќе се побие во која било расправа и на билатерално и на ЕУ ниво. Дури и напротив, бидејќи ние сме согласни со тоа, не само што треба да бараме реципроцитет, туку треба да побараме Бугарите први да го направат тоа, ете, да ни демонстрираат како една членка на ЕУ треба да се однесува. А со тоа и да ги испочитуваат неколкуте пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур – вели директорот на МЦМС.

Тој предлага како аргументи пред Бугарија и ЕУ да се користи однесувањето на Софија кон другите соседи.

– Треба да се побара да демонстрираат како другите нивни соседни земји го имаат решено тоа. Како е во Грција или во Србија? Колку што знам нема „Бугари“ во српскиот Устав, на пописот имаше над 20.000 Бугари, а тие веќе преговараат! Дали Бугарија го има побарано истото од Србија? Или како е во Грција? Нели тие тврдат дека Гоце Делчев од Кукуш е Бугарин? Дали побарале да има „Бугари“ во грчкиот Устав? Или барем Грција да признае бугарско етничко малцинство во Грција? Колку Бугари има на пописот во Грција? Итн… Има многу аргументи со кои може да се водат разговорите, па и преговорите за деблокада. Но, зголемувањето на барањата исто така покажува дека на таа страна нема волја за решение! А причините за тоа се други и многу јасни – заклучува Кржаловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот