Кржаловски: Петков сака да ги задржи бугарските црвени линии, а отстапките да ги направи Македонија

кржаловски
Фото: Александар Кржаловски, директор на МЦМС

Притисокот од земјите-членки врз Бугарија нема да го тргне ветото за преговорите на Македонија со ЕУ овој декември, вели аналитичарот Александар Кржаловски за „Слободен печат“.

– Видлив е притисокот од ЕУ-земјите, особено некои, сепак да има придвижување и деблокада уште овој декември. Но, сме го виделе и тоа многупати и сепак останува фактот дека Бугарија може да го употребува ветото и ЕУ не може многу да направи во врска со тоа. Па, така и сега не сум оптимист дека притисокот од ЕУ ќе вроди со плод овој декември. Згора на сѐ, цела Европа го слави Божиќ на 25 декември, т.е. пред крајот на годината, па повеќе или помалку ништо не функционира во ЕУ по 20 декември, затоа и Самитот е порано, па дури и да има одлука, годинава нема да има прва меѓувладина конференција – прогнозира Кржаловски од МЦМС.

Во изјавата на идниот бугарски мандатар Кирил Петков за развивање нов пристап во разговорите со Скопје, Кржаловски гледа потенцијал за нови компликаци.

– Сметам дека најреалистична проценка за изјавата на Кирил Петков даде професорот Тони Дескоски, споредувајќи ја неговата изјава со онаа на Алексис Ципрас по неговата победа на изборите по кои стана премиер на Грција, кога најави, а со Преспанскиот договор успеа и да исполни дека ќе ги задржи сите црвени линии на Грција, а сите отстапки ќе бидат направени од македонската Влада. Имено, иако изјавата на Петков предизвика позитивни реакции во Македонија и дава надеж за некаков напредок, во неа тој не само што не се откажува од „историјата“, само вели дека нема да е најважен критериум, туку најавува подолг и покомплициран процес, со работни групи, за решавање на повеќе прашања во разни области. Тоа може да овозможи реален напредок, но тоа може и да потрае доста повеќе. Ќе треба да почекаме сепак да се формира Владата, ако се успее во тоа, што исто така може да потрае и подолго од 14 декември, па веројатно дури потоа да слушнеме појасни позиции од него и таа нова влада за можни решенија – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот