Крвта знае сѐ: Кон кои болести сте склони, а на кои сте поотпорни?

Истражувањата спроведени ширум светот открија силна врска помеѓу различните крвни групи и низа болести и проблеми, од неплодност до зголемен ризик за срцеви болести.

Дали луѓето со одредена крвна група можат да бидат повеќе склони кон развој на срцеви заболувања, рак, дијабетес, чир на желудник или автоимуни болести? Може ли вашата крвна група да влијае дури и на вашата плодност, памтењето или на реакцијата на одредени видови исхрана?

Иако научниците со години одбиваа каква било помисла дека крвните групи имаат друго медицинско значење, освен трансфузија на крв, сите нови истражувања потврдуваат дека крвната група има клучно влијание на различните аспекти на нашето здравје.

Истражувањата спроведени ширум светот открија силна врска помеѓу различните крвни групи и низа болести и проблеми, од неплодност до зголемен ризик за срцеви болести. Денес е неспорно дека крвната група може да нè направи повеќе склони кон некои смртоносни болести или дури може да нè заштити од нив. Неодамнешна студија спроведена на пациенти со рак на простата, покажала дека крвната група на мажите може значително да влијае на враќањето на болеста по успешната операција. Студијата, претставена на годишниот конгрес на Европската асоцијација на уролози (ЕАУ), открила дека мажите со крвна група нулта имаат помал ризик од враќање на ракот на простата по операцијата, за разлика од мажите со крвна група А, кои имаат дури 35 отсто поголем ризик дека болеста ќе им се врати по операцијата. Исто така, истражувањето спроведено на примерок од 1,3 милиони луѓе за акутно затајување на срцето, покажало дека луѓето кои немаат крвна група нулта имаат 9 отсто поголем ризик за кардиоваскуларни болести, како срцев или мозочен удар.

А го зголемува ризикот од карциноми, нулта од автоимуни болести

Според некои статистики, огромен број луѓе не знаат која крвна група ја имаат, што би можело да се промени во блиска иднина, бидејќи луѓето ќе бидат позаинтересирани за тој податок доколку знаат дека тој може да им каже многу и за можните смртоносни опасности за нивното здравје. Исто така, несомнена е поврзаноста на формирањето на антитела на крвните групи А, Б, нулта со одредени болести и компликации.

Спроведени се бројни истражувања за крвните групи како фактори за појавата на одредени болести, а многу од нив ја докажаа поврзаноста на системот АБнулта и инфективните болести, како и склоноста на одредени бактерии, вируси и паразити за врзување на еритроцитите со одредени антигени на крвните групи, кои делуваат како рецептори. Така, забележано е дека носителите на крвната група нулта се релативно отпорни на тежок облик маларија. Се претпоставува дека разликите во структурата на системот АБнулта, со оглед на компонентите на олигосахаридите, во различни делови на светот биле дополнителен фактор за ширење на епидемиите на инфективните болести во минатото. Најголемиот број истражувања, сепак, е насочен кон поврзаноста на крвните групи со зачестеноста на малигните заболувања.

Така, утврдена е почеста појава на рак кај луѓето со крвни групи А или АБ, со образложение дека некои туморски маркери имаат карактеристики слични на антигенот А па тешко ги откриваат имунолошките системи на крвните групи А и АБ. Од друга страна, автоимуните болести во кои е зголемен надзорот и прекумерно активен имунолошкиот систем, при што поретко се развиваат малигните болести, повеќе се поврзуваат со крвната група нулта. Сепак, постојат неколку видови тумори кои се поврзуваат со крвните групи нулта (меланом) и Б (рак на коските и мочниот меур).

Почести хронични инфекции

Ракот на мочниот меур е почест кај луѓето со крвни групи Б, АБ и А. Поврзаноста со крвната група Б ја вклучува нивната зголемена подложност на уринарните и бубрежните инфекции, а поврзаноста со крвната група А се објаснува со истражувањето кое покажало дека клетките на туморот на мочниот меур се структурно слични на антигенот А. Бидејќи крвната група АБ ја дели склоноста на крвните групи А и Б кон заболувањето, ризикот за овој вид на рак е уште поголем. Исто така, ракот на коските најмногу се поврзува со крвната група Б, а најмалку со крвната група А, додека најголеми предиспозиции за леукемија имаат луѓето со крвна група А, а најмалку лицата со крвна група нулта, особено жените.

Поради големата поврзаност помеѓу ракот на белите дробови и пушењето, се очекувало овој силен ризичен фактор да ги надмине сите разлики помеѓу крвните групи, сепак, повеќе луѓе со крвна група А заболуваат од рак на белите дробови, а помалку заболени луѓе има со крвна група нулта. Ракот на црниот дроб е почесто поврзан со крвната група А, додека карциномот на жолчниот меур, примарно кај постарите лица, статистички е повеќе поврзан со крвната група Б, што може да се поврзе и со подложноста на крвната група Б на хроничните инфекции.

Кога станува збор за истражувањата на ракот на дојка, научниците воочиле дека жените со крвна група А почесто доживуваат полош исход и повеќе се склони на побрз развој и ширење на овој вид рак. Жените со крвна група АБ се поблиску до крвната група А и имаат малку зголемена склоност и веројатност за повторно заболување и пократко време на преживување. Меѓу заболените жени, поретки се оние со крвна група нулта, кај кои е утврдено дека имаат и подобри резултати од лекувањето, а овој карцином поретко се појавува и кај жените со крвна група Б, освен ако не се семејно оптоварени со ризикот. Гинеколошките тумори, како што се карциноми на ендометриумот, грлото на матката и јајчниците, се почести и се поврзуваат со полошите прогнози кај жените со крвна група А, додека жените со крвна група Б се најмалку склони кон малигни тумори на јајчниците.

Не постои идеална крвна група

Крвната група нулта генерално е помалку склона кон малигните болести, што за многумина можеби звучи идеално, но таа има најголема зачестеност на појавата на меланом и најкратка просечна стапка на преживување по поставување на дијагнозата. Исто така, жените со таа крвна група имаат почести намалени резерви на јајчниците отколку жените со другите крвни групи. Со други зборови, имаат помалку јајце-клетки и помалку шанси за успех во процедурите на потпомогнато оплодување. Во прилог на тоа дека не постои идеална крвна група, туку дека секоја има свои предности и недостатоци, оди и фактот дека туморите на мозокот почесто се појавуваат кај крвната група А, но и имунохемотерапијата е значајно поделотворна кај нив и кај луѓето со крвна група АБ, за разлика од носителите на нулта крвна група.

Што се однесува на ракот на желудникот, истражувањата укажуваат на тоа дека луѓето со крвните групи А и АБ се изложени на поголем ризик и имаат помала стапка на преживување, додека крвната група нулта има заштитен ефект, така што го спречува растењето и ширењето на туморот, и овозможува подолго преживување. Ризикот кај крвната група Б е сличен на ризикот кај крвната група нулта.

Секоја крвна група има свои предности и недостатоци и не постои идеална, барем од гледна точка на нивната поврзаност со појавата на болеста. И покрај сите овие докази, исклучително е важно, никогаш да не гледаме на крвната група како на посебен ризичен фактор.

 Во Европа има повеќе луѓе со крвна група А

Нашата крвна група е одредена од гените коишто сме ги наследиле од родителите. Интересно е дека застапеноста на одделни крвни групи не е еднаква во сите делови на светот. Во Европа, на пример, застапеноста на крвните групи А и нулта е еднаква, додека лицата со група Б ги има мошне помалку.
Одредени крвни групи меѓусебно се разликуваат по своите антигени (супстанции што предизвикуваат имунолошки одговор на домаќинот) на површината на секоја црвена крвна клетка. Иако секоја крвна група еволуирала за да обезбеди заштита од некои смртоносни болести, секоја има и некои свои слабости. На пример, луѓето со крвна група нулта имаат најмал ризик за заболување и смрт од маларија во споредба со луѓето со другите крвни групи, но поголем ризик за добивање чиреви на желудникот предизвикани од вируси и бактерии.

Видео на денот