Крвта на Дом Филипс е на рацете на Болсонаро, вели Македонецот Џорџ Стамкоски, пријател на новинарот убиен во Бразил

Протест за правда за Дом Филипс и Бруно Переира / Бразилија, Бразил, 23 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/Joedson Alves

Светот во последните недели беше потресен од случајот со исчезнувањето и смртта на британскиот новинар Дом Филипс и неговиот соработник, Бруно Переира, кои беа пронајдени убиени откако со години го истражуваа уништувањето на амазонските шуми и злоупотребите врз домородното население во зафрлените делови на Бразил. Тие биле застрелани со ловечко оружје, а убијците ги закопале нивните тела во џунглата.

Новинарот Дом Филипс, убиен во Бразил заедно со неговиот соработник, експертот и застапник за домородните права, Бруно Переира / фото: Твитер

Уапсени се тројца осомничени извршители на убиството, а еден од нив признал и ја одвел полицијата до местата каде се закопани телата. Во моментов се истражува дали нивните убиства биле нарачани. Убиствата покренаа бран од протести во Бразил, но и ширум светот, на кои илјадници луѓе побараа правда за Филипс и Переира.

Домородни Бразилци на протест бараат правда за Дом Филипс и Бруно Переира во Бразилија, Бразил / 19 јуни 2022 г. Фото: EPA-EFE/Joedson Alves

Џорџ Стамкоски е Македонец, кој со децении се школувал и живеел во странство, а сега е вратен во родната земја. Неговиот професионален пат во Британија го одвел до познанство, соработка и пријателство со убиениот новинар Дом Филипс. Во разговор за „Слободен печат“, Стамкоски зборува за храброста на Филипс во борбата против неправдите и криминалот во Бразил, поради која беше и убиен. За Стамкоски, нема дилема дека во убиството на некое ниво се вмешани и бразилските власти, предводени од претседателот Жаир Болсонаро, кој не го признава глобалното затоплување, а од Западот постојано добива обвинувања за кршење на правата на домородните народи и безмилосно уништување на прашумите на пространата Амазонија.

СП: Кажете ни за себе – каков беше вашиот животен и професионален пат, кој Ве одведе во новинарството и документаристиката?

– Јас сум роден во Велес, а татко ми Панко Стамкоски беше радиоводител и актер во Штипскиот театар. На четири години глумев во краткиот филм „Санка“, кој татко ми го направи со снимателот Коце Митрев. На изненадување на сите, филмот освои фестивалски награди во Сараево и Белград.

Кога емигрирав во Мелбурн со моето семејство кога имав пет години, посетивме неколку големи австралиски градови, каде настапувавме за македонските заедници со фолклорната група „Светлост“. Постојано стоев отстрана додека мајка ми играше во ората, а татко ми изведуваше патриотски стенд-ап како старецот „Донче македонче“, чувствувајќи меланхолија за неправдите кон татковината што мораше да ја остави зад себе. Многу Македонци во Австралија сѐ уште се сеќаваат на Донче.

Моите рани искуства зад сцената и пред камера ме инспирираа да работам во филмови, ТВ и медиуми целиот мој живот. Ги сакав многуте слободи во кои уживав растејќи во Австралија. Но, кога завршив средно училиште и заштедив пари работејќи во локалната филмска индустрија, Европа „ме повика“ на 20-годишна возраст. Студирав филм и ТВ во Минхен и визуелни комуникации во Берлин, пред да се преселам во Лондон, токму кога почнаа да се „крчкаат“ војните во Југославија, во доцните 80-ти.

Џорџ Стамкоски / фото: приватна архива

СП: Од каде потекнува вашето познанство со Дом Филипс?

Откако поминав десет години интензивно известувајќи за југословенските војни за меѓународните медиуми, огромната потреба да го префрлам мојот фокус од конфликтите кон музиката, ме доведе во контакт со Дом Филипс во 1997 година.

Во тоа време, Дом беше многу ценет уредник на клабинг списанието Mixmag, а неговиот љубезен северноанглиски шарм веднаш ме зарази кога првпат се сретнавме во неговите канцеларии. Беше 30-годишнината од таканареченото „Лето на љубовта“ и се договоривме да бидеме партнери во продукцијата на Clublife ’98, музички проект на BBC2, за која ги мобилизиравме читателите-клабери низ цела Британија да го дадат својот глас и да го обликуваат шоуто. Неговиот популистички допир во чувствувањето на пулсот на нацијата преку анкетата на читателите на Mixmag беше воодушевувачки.

Објавувајќи силни, музички засновани, но социјално фокусирани приказни во Mixmag веќе една деценија, Дом ги познаваше сите големи британски диџеи. До крајот на 20 век, нивните таленти за спојување на различни музички стилови, теми и артисти, ги претворија во светски суперѕвезди. Како автор на белешките на изданијата на диџејската издавачка куќа Global Underground, Дом ме покани мене и мојата камера на одисеја во денс-клубовите, од Лондон и Њукасл, до Ибица, Будимпешта, Берлин, Москва и Буенос Аирес, на снимањето на „Getting Away With It“, документарен профил на Канал 4, кој ги следеше диџеите од издавачката куќа на историски журки во меѓународните ноќни клубови. На корицата на ДВД-то, Дом ме цитираше дека мојата опрема за снимање претрпе повеќе оштетувања на подиумите, отколку во целото време кога известував за војните во поранешна Југославија. Нему тоа му беше многу забавно!

СП: Како Филипс стигна до Бразил и Амазонија, во борба против корупцијата и криминалот кои ја уништуваат недопрената бразилска природа?

– Го научив Дом да работи со микрофон на „јадица“, како акустична алтернатива на „олдскул“ пенкалото и тетратката. По истражувачкиот лов по приказни, каде и да водеше нашето патување, во него го препознав вистинскиот новинар: решителен, бескомпромисен трагач по вистината, кој природно се зближуваше со луѓето и беше наградуван кога тие му се отвораа за возврат.

Бев воодушевен кога преселувањето на Дом во Бразил го венча со двете врвни љубови во неговиот живот: неговата сопруга Алесандра и лековитата природна убавина на Бразил. Тој стана новинар од првите редови кој ја покрива глобалната војна против природата, додека го разоткриваше криминалното ограбување на домородните земји низ Амазонија. Дом во 2019 година, на една средба со новинарите, бестрашно го обвини ултрадесничарскиот претседател на Бразил Жаир Болсонаро дека им овозможува на пријателите и поддржувачите незаконски да се збогатат, додека бесчувствително ја уништуваат животната средина.

Видеото од ова е достапно на интернет. На него се гледа како Болсонаро, видно нервозен, реагира и му возвраќа на Дом дека Амазон е на Бразил, а не негов. Во тој момент, мислам дека негаторот на климатските промени Болсонаро ја откри својата крајна одговорност за убиството на Дом Филипс и неговиот колега, експертот и застапник за домородните права, Бруно Переира, кое се случи речиси точно три години подоцна. „Потписот“ на Болсонаро се наоѓа и на критично одложената дозвола за бразилската армија да започне итна потрага по нивното исчезнување во западниот дел на Амазонија, на границата на Бразил со Перу.

Сопругата на Дом Филипс, Алесандра Сампајо, и неговите блиски на закопот на убиениот новинар / Рио де Жанеиро. Бразил / 26 јуни 2022 г. / Фото: EPA-EFE/Andre Coelho

СП: Ова е време во кое изгледа како моќниците да стануваат сѐ посилни, а гласот на јавноста против неправдите – сѐ послаб. Каква порака испраќа насилната смрт на Дом Филипс и Бруно Переира за новинарството и за јавноста воопшто?

– Соучесништвото може да се прочита меѓу редовите на честите напади на Болсонаро врз известувањето на Дом, кој го разоткриваше културниот геноцид и еколошките неправди во Бразил, во написи за влијателни весници како „Гардијан“ и „Тајмс“ во Британија и „Вашингтон пост“ во САД.

Неприкриениот презир на Болсонаро кон домородните жители на Амазонија повторно се покажа кога неговата администрација ги омаловажи неуморните напори на локалното население да ги идентификува убијците. И веќе гледаме обид за прикривање во официјалното инсистирање дека локалните рибари (уапсени за убиството, н.з.) дејствувале сами, а не по наредба од повисоко, кога пукале, ги распарчиле телата и се потрудиле да ги сокријат Дом и Бруно длабоко во амазонската џунгла.

Дом сега е засекогаш изгубена сродна душа. Ако можев некако да стапам во контакт на неговото последно патување, ќе го искористев моето искуство од известувањето за конфликти на Балканот и ќе го потсетев на важноста да ја држи главата долу под оган, за да може да преживее и да се бори и некој друг ден. Се сомневам дека неговиот идеализам и верувањето во светоста на неговата професија како хроничар на факти, му дадоа лажно чувство на имунитет, што го натера погрешно да ги процени ризиците со кои се соочуваше и да го „спушти гардот“.

СП: Очекувате ли некаква разврска, да се најдат виновниците за ужасниот чин?

Како што репортерот во Дом добро знаеше, Вистината има неверојатен талент да му пркоси на нејзиното потиснување преку лаги. Целосната вистина за тоа кој ги наредил трагичните убиства можеби никогаш нема да излезе на виделина. Сепак, иако смртта на Дом и Бруно можеби нема да доведе до целосна правда, мислам дека тие можат да почиваат во мир, со знаење дека оваа приказна со трагичен крај ќе инспирира и охрабри повеќе трагачи на вистината како нив во иднина.

Навистина се надевам дека некој има пристап до опсежните истражувања и интервјуа што Дом ги водел прилично долг период пред да добие мал грант за да ја напише својата книга, „Како да се спаси Амазон“. Од клучно значење е книгата да може да се состави и да се објави како соодветно наследство на пркос против оние што го запреа околу 6 јуни 2022 година.

СП: Какви се вашите професионални интереси и проекти во моментов?

Откако долго време работев надвор од Британија, почнав да се движам меѓу Лондон и Скопје кога во 1997 година основав втора медиумска продукциска операција за мојата компанија Volatile Media во Македонија.

Еден од најважните и најамбициозните проекти што ги развивав за регионот на југоисточна Европа е нов тип на еколошка серија наречена „Зелена светска војна“, која почнав да ја истражувам со скромен грант од македонското Министерство за култура пред неколку години. Оваа земја, нашиот соседен регион и поширокиот свет се префрлаат од една во друга криза во последните неколку години. Чувствувам дека е вистинското време луѓето да се вклучат повеќе во проблемите со кои се соочуваме, преку интерактивната и се надевам привлечна серија што ја развив.

СП: Како би изгледала вашата серија: Зелена Светска Војна?

– Концептот зад серијата е дека таа мора да биде достапна во сите форми на ТВ, онлајн, радио и во печатена форма. Треба да биде многу повеќе од само фактичка ТВ-серија што ја гледате пасивно. Бидејќи една од нејзините први цели е да ја предизвика, за жал, широко распространета апатија зад лажното верување дека ние како поединци не можеме да направиме ништо за да донесеме позитивна промена и дека затоа не вреди да се трудиме за тоа.

Сметам дека серијата е основа за она што јас го нарекувам „Think-and-do-Tank“, платформа за значаен дијалог меѓу граѓаните и невладините тела, бизнисот и владата за еколошки прашања од живот или смрт кој бараат одговори ориентирани кон решенија.

Планираната серија ќе има за цел авторитативно да не информира за екстремните опасности од нашиот немилосрден напад врз биолошката разновидност и неодговорното загадување на животната средина. Тоа ќе нагласи дека сите ние водиме непромислена војна против природата која бара радикална реевалуација на тоа дали вреди високата цена што ја плаќаме за оваа војна.

– Содржините што планираме да ги презентираме ќе бидат од лична и политичка важност. Сакам да направиме убедлив аргумент за позитивни промени на негативните ставови, навики и политики што треба да ги направи секој граѓанин, бизнисмен и политичар ако сакаме да ја одземеме победата од челустите на еколошкиот пораз.

За мене, убиството во Бразил на мојот пријател Дом Филипс, принципиелен известувач од првите редови во Зелената светска војна, сега му даде на овој еколошки проект ново чувство на итност и цел, вели Стамкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот