Крв ќе падне додека ви земат крв во „8 Септемрви“

Вистински хаос утрово се случуваше во биохемиската лабораторија на градската болница „8 Септемрви“ кога пациентите доаѓаа да направат различни лабораториски испитувања од крв. Иако има екран со бројчиња кој треба да го прави редот, сепак системот е далеку од функционален. Педесетина пациенти чекаат во еден ходник, се создава нервоза, расте нетрпение, избиваат кавги, а редот се обидува да го држи под контрола еден вработен од обезбедување.

Поликлиниката на оваа болница почнува да работи во 8 часот кога и обезбедувањето ги пушта пациентите. Први секако се пензионерите кои веројатно се помачиле да дојдат многу порано и да чекаат надвор, а потоа дале се од себе да стигнат што побрзо до апаратот кој ги дава редните бројчиња во лабораторијата сместена на првиот кат во болницата.

-Секој пат е вака. Гужвата се прави бидејќи шалтерот веднаш почнува да работи, а додека кабините каде се зема крв, не почнуваат да примаат пациенти пред 8.20 часот. И тоа прво едната се става во функција, потоа другата, а дури во 8.40 почнуваат да работи и третата кабина. Пациентите поминуваат на шалтер и заглавуваат пред кабините. Навистина е нејасно зошто не може шалтерот и кабините да почнат да работат во исто време – вели една пациентка.

И додека чекаат, пациентите се караат меѓу себе за тоа кој е кога на ред, зошто тој со број 7 влегол во кабина пред тој со број 6, зошто обезбедувањето некого пушта да земе резултати, а на другите им вели да дојдат после 14.30 часот или следниот ден после 11.30 часот.

Од болницата објаснуваат дека гужвата што денеска настанала е поради утрински состанок кој морало да биде свикан пред да почнат да работат. Во другите денови трите кабини почнувале со работа во 8.15 часот. Пациентите, пак, велат дека секој ден е иста гужва.

– Нормално е прво шалтерот да почне да работи, а потоа кабините. Дневно за три часа тука поминуваат 300 пациенти, и во други денови не се прави гужва како денеска – објаснуваат од болницата.

За прескокнувањето на редните бројчиња велат дека тоа е сепак систем кој некогаш знае да направи грешка.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот