Крушево домаќин на Светско првенство во параглајдерство
Одржувањето на 16 ФАИ Светско првенство во параглајдерство, на кое домаќин ќе биде градот Крушево и Пелагонискиот регион беше најавено на прес конференција во просториите на Агенцијата за млади и спорт.
Свое обраќање имаше директорот на АМС, Дарко Каевски, претседателот на Воздухопловната федерација на С. Македонија, Владимир Бараковски и градоначалникот на Крушево, Томислав Христовски.
– Агенцијата за млади и спорт во соработка со Воздухопловна федерација и Општина Крушево во изминатиов период беа организатори на повеќе меѓународни натпревари во параглајдерство, што условија и добивање на организација на натпревар во параглајдерство од светски размери – истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.
Светското првенство ќе се одржи од 5-18 Август со учество на 150 пилоти од 49 нации, а нашата репрезентација ќе биде составена од тројца успешни летачи.
Градоначалникот на Општина Крушево ги повика сите заинтересирани да го посетат градот кој е дел од мапата на „Спортски авантуристички туризам”.