Круната

Во моментот кога кралицата го кажала „судбоносното да“, односно дала согласност за неговиот брак со Меган, таа веќе била добро избрифирана за тоа која е Меган, кое е нејзиното потекло, кои се нејзини живи и мртви роднини, кој од нив може да предизвика штета со своето однесување…

Интервјуто на принцот Хари и на Меган Маркл, војводата и војвотката од Сасекс, со познатата ТВ-водителка Опра Винфри, е најзначајниот медиумски настан по појавата на пандемијата предизвикана од вирусот ковид-19. Со гледаност од околу 50 милиони гледачи во 90 земји, овој настан несомнено покажа дека заинтересираноста на луѓето за животот и пикантериите на кралските семејства е сè уште голема.

Реакциите од интервјуто се движат во два дијаметрално спротивни правци, од одобрување на тоа што го направија Хари и Меган, до нивна осуда и давање поддршка на кралицата Елизабета Втора. Во секој случај, последиците од ова интервју речиси и да нема да влијаат врз статусот на британското кралско семејство во Обединетото Кралство. Во САД состојбата е малку поинаква, бидејќи сензационализмот и потрагата по ексклузива, се едни од основните карактеристики на американското општество.  Но, по 1783 година, од кога Америка повеќе не е британска колонија, што мислат американските граѓани, не е главна преокупација на кралското семејство.

Секој со своја оцена

Зборовите „разведена Американка“ по вторпат предизвикуваат „ежење на кожата“ кај станарите на Бакингемската палата, но овој пат последиците се речиси безначајни. Имено, една друга разведена Американка предизвика многу поголемо нарушување на монархијата. Нејзиното име беше Волис Симпсон, љубовница, а потоа и сопруга на Едвард VIII, крал на Велика Британија, Ирска и Британските доминиони преку морињата и император на Индија. Самата помисла дека еден британски суверен е вљубен во двапати разведена Американка која нема благородничко потекло, во британското општество од првата половина на дваесеттиот век, предизвикалa права катаклизма, а во државата – уставна криза. На кралот му било понудено да бира помеѓу круната и ѓ-ѓа Симпсон. Тој својата одлука ја официјализирал на 10 декември 1936 година, кога ставајќи го својот потпис на актот за абдикација, на британската јавност ѝ се обратил со зборовите: „Mора да ми верувате кога ќе ви кажам дека е невозможно да го носам тешкиот товар на одговорност и да ги извршувам моите должности како крал, онака како што сметам дека треба, без помошта  и поддршката од жената што ја сакам.“ Оттогаш, Едвард и Волис, кои стануваат војводата и војвотката од Виндзор, засекогаш ја напуштаат Британија, а нивното враќање им е дозволено повремено, само во исклучителни околности. Тие постојано се враќаат во Британија само по својата смрт.

Но, да се вратиме на Меган, Хари и Опра. Јавноста најмногу ја заинтригира изјавата на Меган дека член на кралското семејство му пришол на Хари додека таа била бремена со загриженост за тоа колку темна би можела да биде кожата на нивниот син имајќи го предвид фактот дека Меган има афроамериканско потекло. Оваа изјава тркалајќи се по медиумските лавиринти се претвори во права лавина од критики кои кралското семејство го карактеризираа како расистичко. Но, дали е тоа така?

Како и во секое семејство, така и во британското кралско семејство постојат поединци кои имаат предрасуди во поглед на многу прашања, вклучително и на бојата на кожата, но верувајте, доколку кралското семејство, односно главата на семејството, кралицата Елизабета, имаше и најмал сомнеж дали претставничка на афроамериканската заедница би била соодветна прилика за нејзиниот внук, тогаш Меган сè уште ќе глумеше во серијата „Суитс“, а Хари ќе беше во потрага по нова избраничка на неговото срце. Во моментот кога кралицата го кажала „судбоносното да“, односно дала согласност за неговиот брак со Меган, таа веќе била добро избрифирана за тоа која е Меган, кое е нејзиното потекло, кои се нејзини живи и мртви роднини, кој од нив може да предизвика штета со своето однесување, со кого таа се дружела пред да се запознае со Хари, дали има или не некакви пороци, болести и недостатоци, дали може да раѓа. Некаде во Извештајот „Меган“ сигурно стоела и процена за тоа каква нијанса може да биде бојата на идниот правнук на Кралицата Елизабета, претпоставувам со детална анализа на нијансата на кожата во зависност од тоа чии гени ќе бидат преовладувачки, дали оние на Хари или на Меган. Така што, нијансата на кожата на малиот Арчи сигурно веќе одамна била апсолвирана и прифатена од кралицата. А штом тоа го прифатила кралицата, ќе го прифатат и другите членови на кралското семејство.

Во јавноста се коментираа и можните побуди кои ги натерале Хари и Меган да го дадат фамозното интервју, кои се движеа од тоа намерно да му наштетат на кралското семејство, до тоа дека побудите се многу полукративни и се мерат со милиони американски долари. Она што мене ми беше најинтересно е едно предвидување дека Меган со ова интервју ја почнува својата политичка кампања за прва жена со афроамериканско потекло која би се кандидирала за претседател на САД, колку и да звучи неверојатно, ама таа наводно веќе имала поддржувачи во Демократската партија. Доколку тоа некогаш се случи, тоа би претставувало, колку и иронично да звучи, враќање на британската круна на чело на Америка.

Монархии и републики

Како и да е, публицитетот на ова интервју ќе трае најдоцна до моментот детерминиран од природните закономерности на животот, односно моментот на смртта на војводата од Единбург, сопругот на кралицата, настан што природно се очекува да се случи во не така далечна иднина. Со своите 99 години и нарушено здравје, принцот Филип завчера беше отпуштен од болница, каде беше  превентивно третиран од проблеми со срцето и можна инфекција. Кога тој ќе почине, приватниот секретар ќе ја извести нејзиното височество дека: „Мостот Форт падна“, со што ќе отпочнат подготовките за неговиот погреб. Имено, како што е испланиран секој чекор на членовите на кралското семејство, така е испланиран и моментот на нивната смрт и што потоа. За секој од нив ќе се користи име на мост (како симбол на премин од овоземниот во задгробниот живот), па така смртта на кралицата ќе го означи почетокот на операцијата „Мостот Лондон“, на принцот Чарлс – „Мостот Менаи“ итн. Тоа се операции во кои до најмал детаљ се испланирани чекорите што треба да се преземат од сите засегнати страни при подготовката, планирањето и изведувањето на погребната церемонија. Зар мислите дека во држава во која до најмал детаљ е речиси сè испланирано, па дури и погребот на член на кралското семејство, едно интервју може да предизвика некаква поголема штета? Па така, во моментот кога во тек ќе биде операцијата „Forth Bridge“, доколку некој ја спомене Меган, ќе биде прашан: Која Меган?

Актуелните (главно уставни) монархии, наспрема републиките (во сите облици на нивната внатрешна организација) во светот имаат свои приврзаници, но и критичари. Некои велат дека монархиите (макар биле и уставни) се анахронизам и го кочат динамичниот прогрес на општествата во кои се владее на тој начин, додека оние што ги поддржуваат се традиционалисти, претежно конзервативно определени. За републиката, доволно е да знаеме од наше искуство. Откога постои светот и векот, ќе има лева и десна страна, горе и долу. Затоа наведеното интервју е најлесно да се подведе и објасни со нашата народна поговорка – се тресеше гората, се роди глушец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот