Круна на кадифе, Макс на фротирка

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Легендата вели дека имало и град во кој имало и фабрика во која се произведувале овие прекрасни прекривки, а Швајцарецот Макс открил дека фротирките биле чудо – не потат, а покриваат. Тој веќе има идеја за старт-ап бизнис. Аирлија работа Макс, може и некој грант да добиеш. И прво Швајцарија фротиросана, а потоа, светот е лимит!

Можеби ова беше последен пат да ја видиме круната на британското кралско семејство како патува сама до парламентот, на отворањето на сесијата, кога кралицата Елизабета Втора требаше да ни соопшти што ни спрема владата. Наместо кревката 96-годишна кралица со проблеми со движењето која го прославува платинестиот јубилеј, се појавија наследникот, принцот Чарлс и Вилијам, војводата од Кембриџ, кого многумина би сакале да го видат на престолот наместо татко му, ама такво е наследството, прво татко па син, доколку не се случи некоја дворска интрига, ама не верувам. И, се разбира, тука  беше и  придружничката Камила, знаете онаа „третата“ која правеше мешаници и турканици во креветот и го распадна бракот на Чарлс со принцезата Дајана, ама ете, дочека да седне лево од престолот. Што ти е живот, и кој вели дека е фер.

Мора да ѝ се оддаде признание на Елизабета Втора, најдолго владејачкиот монарх на светот, која животот го посвети на Британското кралство и која преброди и војни и несреќи и трагедии и милости и немилости и венчавки и разводи и верности и неверства и измами и трајни пријателства и исчезнување генерации и раѓање нови, и човечки и технички. Таа по третпат седеше дома и гледаше како круната патува со највисока придружба, еднаш кога беше трудна со принцот Андрју во 1959 година и вторпат со Едвард во 1963 година. Сега остана без поткрепата на принцот Филип и, згора на сè, синот ја зарази со ковид, што и го разниша и онака кревкото здравје. Да не беше тоа, ќе имаше многу повеќе и поостри коментари од оние дека со голема помпа се врши директен пренос од колона скапи возила, каде што во првото шоферот ја вози круната на перниче од кадифе, па во второто шоферот го вози кралскиот меч и наметката (хермелин секако) со Чарлс, Камила и Вилијам потоа, до Домот на лордовите (неизбрани, наследени или именувани). Па потоа со труби и со сите традиционални церемонии уште од времето на ехехее… се носи до кралскиот престол, престолот каде што… Нормална демократска земја.

Да не се бараат повисоки плати

Времињата не се добри. Земјата е во економска криза, а во Европа има војна. Цените пораснаа, речиси на сè, а и оние најоптимистичките економски аналитичари најавуваат дека претстојат сериозни проблеми. Некои дури и не избираат зборови. Така, шефот на Бенк од Ингланд, што би рекле Народната банка на Англија, Андрју Бејли, предупреди на „апокалиптичен“ пораст на цените на храната, не само овде, туку и низ целиот свет. Рече дека никој не можел да ги предвиди ковидот ниту војната во Украина и на крајот им порача на работниците да размислат добро пред  да бараат повисоки плати. Односно, да не бараат повисоки плати. Гувернерот, кој добива 575.000 фунти годишно, објасни дека дури и ако банката му понуди, тој лично оваа година ќе одбие покачување, но секој нека си реши како сака. Инаку, банката предупреди дека инфлацијата во Обединетото Кралство може да стигне до 10 проценти оваа есен, а некои стравуваат и од рецесија. На критиките дека банката и владата се успале и не повлекле соодветни потези на време, Бејли одговори дека најголем дел од проблемите, според него 80 проценти, се поради притисоци создадени надвор од нивна контрола, како на пример војната. Главно е во право. Ама… Ама не даде одговор како и зошто во ваква ситуација кога растат цените на се и сешто, се оправдува одлуката на канцеларот Риши Сунак да се покачат даноците.

Граница исток-запад, север-југ

Ковидот и војната во Украина немаа никаква врска со Северна Ирска, кога и таму проблеми на повидок, со тенденција да прераснат во големи. Четврт век по потпишувањето на договорот од Велипеток,  дојде протоколот за брегзит, кој  потпишан помеѓу Европската Унија и Обединетото Кралство беше да нема „цврста“ граница во покраината. Но, шест години по брегзит, протоколот за брегзит не штима, а постои опасност и да биде загрозен историскиот договор од Велипеток, со кој беа прекинати повеќедецениските непријателства помеѓу протестантите и католиците во Северна Ирска. Има две големи заедници тука, националистите што не сакаат северно-јужна копнена граница и лојалистите што не сакаат источно-западна граница, долж Ирското Море.

Решението на поранешната премиерка Тереза Меј, кое сега навидум никој не го сака, а го копира, беше Северна Ирска да остане и во европската и во царинската унија. Протоколот, кој беше решение и на Џонсон, беше остатокот на земјата да излезе од двете унии, а Северна Ирска да остане, ама со проверки во Ирското Море. Звучи компликувано и тешко остварливо? Да, посебно сега кога на власт дојде Шин Фејн, партијата што отворено се залага за обединување на Северна со Република Ирска. И кога Џонсон вели дека можеби ќе бара тука брегзит или да не важи или пак да се преговара. А  ЕУ засега вели, знаете, имаме поважни работи. Војна?

А сега, нешто сосема различно

Во една дискусија деновиве за англиската круна и кадифето на перничето на кое беше носена и наметката од хермелин зашиена пак на големо парче од кадифе, се разви, како што се случува тоа меѓу група луѓе што знаат многу, знаат сè и знаат дека ништо не знаат, и тема за ткаенините. Па, така, дојде на тапет (има тапети и од ткаенини и од кожа, ако не сте знаеле) извесен Макс, оригинал Швајцарец, кој ја имаше таа среќа да се ожени за мома Македонка и кој за прв пат во својот живот се сретна со фротирка во вид на прекривка. Со оглед на климатските промени, и оваа земја станува топла во летните месеци и минатата година таа, момата Македонка, донесе два уредно спакувани уште од чеизот, а потоа распакувани и – Макс беше одушевен. Ние другите можеби вчудовидени, но кога зрело ќе размислам, во мојата втора татковина, ЈуКеј, немам видено да се продаваат фротирски прекривки, па и Макс Швајцарецот таков – вчудовиден. Му објаснуваа дека има земја во која ова масовно се користи и не е ништо чудно, ги има во секој  втор чеиз, мираз, продавница и летна гарнитура.

Згора на сè, легендата вели дека имало и град во кој имало и фабрика во која се произведувале овие прекрасни прекривки, кои домородното население долго време ги земало „здраво за готово“, а тоа, открил Швајцарецот, да ти биле чудо – не потат, а покриваат. Макс веќе има идеја за старт-ап бизнис. Аирлија работа Макс, може и некој грант да добиеш. И потоа, прво Швајцарија фротиросана, а потоа, светот е лимит!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот