Крстевски: Ја броиме победата над Швајцарија, не кош-разликата

Бојан Крстевски имаше клучен придонес во победата над Швајцарија/Фото: kfsm.mk

После стартниот пораз, македонската сениорска репрезентација запиша две победи по ред во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје на претквалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство.

Им се реванширавме на Швајцарците и сега избраниците на селекторот Драган Бајиќ се наоѓаат на чекор од главните квалификации за Мундобаскет 2023.

Бојан Крстевски повторно имаше клучен придонес реализирајќи 11 поени, додаде седум скокови во триумфот против Швајцарците.

– Многу сум задоволен од оваа победа. Морам да им честитам на моите соиграчи за борбеноста. Машки одигравме, трет меч во пет дена. Одиме на победа, како и на секој натпревар, така и со Словачка.

Ги послушавме советите на селекторот на полувремето. Да играме смирено, со цврста одбрана ќе го добиеме натпреварот. Без брзање, иако имавме падови, останавме присебни.

На крајот погодивме битни шутеви, извлековме победа. Можеше да биде и двоцифрена предност. Но, собрана е голема количина на замор. Битна ни беше победата – рече Крстевски по победата над Швајцарија.

Видео на денот