„Кросроуд Б.Б.“ и Наташа Миха со нејзиниот бенд ќе настапат на „Блуз и соул фестивал“

Дирекцијата за култура и уметност го најави новото издание на „Блуз и соул фестивал“, што ќе се одржи на 18 септември (сабота), со почеток во 20.30 часот, во Куршумли ан. На фестивалот ќе настапат еден од најстарите македонски блуз-бендови, кој во континуитет работи веќе 24 години – „Кросроуд блуз бенд“, и атрактивната Наташа Миха со нејзиниот бенд.

„Кросроуд блуз бенд“ е музичка формација од Прилеп, формирана 1997 год. од двајца фанатични влубеници во блуз-музиката, односно Александар Дворчанец – Сале и Бранко Нешкоски – Бане. Можеби гранитното опкружување околу градот или, пак, аромата на тутунот која се шири по градските улици, се покажаа како успешна почва за развој на блузот.

Од локална атракција низ годините „Кросроуд блуз бенд“ прерасна во еден сериозен бенд кој музицира, покрај во својот град, во скоро сите градови на Македонија, а од 2008 до 2018 год. настапува на речиси сите престижни фестивали и места во регионот каде се негува и свири блуз. Групата сними три студиски албуми.

Бендот има настапувано на фестивали во Бугарија (Софија, Бургас, Петрич, Габрово) во Србија (Врање, Ниш, Белград, Панчево, Кикинда, Суботица, Сента), во Хрватска (Жупања, Ријека, Кастаф, Умаг, Сплит, Дубровник, Опузен, Имотски) Словенија во Копар, во Црна Гора во Подгорица и Никшиќ, во Босна и Херцеговина (Мостар, Бања Лука, Приједор, Доњи Вакуф, Сараево).

Оваа приказна беше грубо прекината со прераната смрт на Сале, фронтменот и моторот на бендот во ноември 2018 год. Со неговото заминување бендот изгуби многу, а и блузот во Македонија, воопшто. Сегашната формација на бендот е Давид Нешкоски – вокал и гитара, Бранко Нешкоски – гитара, Зоран Настески – тапани и Љупчо Шилоски – бас.

Наташа Миха е соло-артист, студиски музичар, едукатор и член на „Station: Innermost“. Нејзината сестраност, музичкото познавање, како и вокалните способности ѝ овозможуваат да изведува широк спектар на музички стилови со креативност, емоција и техничка маестралност.

Бендот „Natasha Miha in Blues“ е осврт на влијанијата на блуз-музиката и нивниот импакт врз артистичкиот израз на Наташа. Со овој проект публиката ќе има прилика да слушне преработки на блуз-рок теми, како и дел од авторскиот опус на Наташа изведен во блуз-рок манир.

Бендот на Наташа Миха е во состав: Дамир Пух – гитара, Дарко Фотиновски – бас гитара и Дејан Апостоловски – тапани. Станува збор за музичари со долгогодишно студиско и сценско искуство, кои се активни на музичката сцена со повеќе бендови во различни музички правци, како и проекти и соработки со интернационални артисти и брендови.

Фестивалот ќе се одржи согласно протоколите за одржување културни настани, потсетија од Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот