„Кроација рекордс“ најавува: „Новиот бран“ повторно се буди, а крокодилите доаѓаат!

Во пресрет на големиот јубилеј – 40 години од „Новиот бран“, најголемата дискографска куќа во регионот „Кроација рекордс“ најавува неколку феноменални изданија, кои се сон на секој дискофил од овие простори.

Како ексклузивни реизданија, по цели 40 години, „Кроација рекордс“ на 22 јануари 2021 година ќе објави некои од култните албуми од времето на музичкото движење познато како „Нов бран“. Светлината на денот одново ќе ја здогледаат култниот „Пакет аранжман“, единствениот албум на „Шарло Акробата“ – „Бистрији или тупљи човек бива кад…“, како и дебитантските остварувања на групите „Електрични оргазам“ и „Хаустор“.

Сите изданија ќе содржат досега необјавени фотографии, интервјуа со живи сведоци од тоа време, некои од членовите на споменатите бендови, текстови на музички критичари и новинари, скенирани документи од богатата архива на Југотон/ Кроација рекордс и ремастеризирани снимки од оригинални ленти, направени од искусниот Горан Мартинац.

Графичката реставрација на оригиналните изданија и дополнителниот уметнички дизајн се направени од врвниот графички дизајнер Дарко Кујунџиќ. Винилите ќе бидат во различни бои, така што ќе добиеме црвен „Пакет аранжман“, бел „Шарло“, жолт „Оргазам“ и „Хаустор“ во класично – црно издание.

Учесниците на култниот албум „Пакет аранжман“ (Фотографија: Горан Вејвода)

Во 2021 година „Кроација рекордс“ слави 40 години од новиот бран, најважното рок-движење во нашиот регион, кое засекогаш ја обележа музичката сцена. Новиот бран на некогашниот југословенски простор беше многу повеќе од рок-движење, туку беше бунт што го смени текот на музичката сцена, создаде нов звук и идентитет, но исто така, гласно зборуваше за теми што дотогаш не постоеле во музиката.

– И по 40 години Новиот бран е идентично свеж, сè уште силно наполнет со пораки, музички и креативно брилијантен, но за жал, и без некои драги луѓе кои многу придонесоа и без кои тој сигурно немаше да постои. Во чест на сите нив! Никој како нив! – истакнуваат од „Кроација рекордс“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот