Кризен менаџмент на македонски начин

Даниела Арсовска. / Фото: Архива на Слободен печат

Голема е одговорноста да се носат одлуки во името на два милиона граѓани, одлуки што може да бидат од витално значење за тоа дали економијата ќе се движи напред или ќе стагнира, дали ќе се задржат работните места или претпријатијата ќе се борат со рецесија.

Секој одговорен лидер мора да има разработено сценарио за кризна состојба дури и во ситуациите кога таа не е ниту на повидок. Додека се работи од комотна позиција на владеење, креирање тековни политики и додека се управува со јавните финансии, во исто време би требало да се предвиди и кризен план.

Нашиот систем досега не покажа дека е подготвен за функционирање во криза. Актуелната здравствено-економска криза сѐ уште трае, а следната криза сигурно повторно ќе дојде ненајавена. Затоа лекциите за кризен менаџмент треба да се поднаучат, можеби така некогаш креаторите на политиките однапред ќе се подготвени за тоа што доаѓа.

За криза треба да си подготвен пред да се случи

Кога некој се подготвува да презема јавна функција, сигурно не планира дека токму нему ќе му се случи криза, но сепак треба да биде подготвен и за такво сценарио. Голема е одговорноста да се носат одлуки во името на два милиона граѓани, одлуки што може да бидат од витално значење за тоа дали економијата ќе се движи напред или ќе стагнира, дали ќе се задржат работните места или претпријатијата ќе се борат со рецесија. Во секој случај, успешното менаџирање на криза, не почнува во моментот кога ќе се најдеш среде ураган. Кризата треба да се предвиди, очекува и да се биде подготвен за неа, без разлика дали ќе се случи или не. Се размислува за сите закани што можат да влијаат врз економијата и деловните активности во одреден момент, вклучително и природни и човечки катастрофи, во коишто спаѓа и опасноста од здравствена пандемија. Сите условни фактори што постојат како закани треба да се предвидат со извесен кризен план. Најважно за тој план е да може да биде ставен во функција во секој момент, без оглед на изворот на кризата.

Не треба да се чека да дојде криза или природна непогода за да се обезбедат основни средства што треба да се достапни на национално ниво во секое време. И буџетот и човечките ресурси треба да се добро димензионирани и да се на располагање за актуелните потреби. Во институциите потребно е да постојат лица назначени и обучени за управување со кризи, кои во клучен момент ќе дадат свој инпут за тоа како најлесно да се менаџира настанатата состојба. Исто така, и државниот буџет треба да биде флексибилен за да може да адаптира на ризиците доколку е тоа потребно.

Еден од најголемите проблеми кој се појавува кога не постои добро менаџирање на криза е задоцнето, некоординирано и нецелосно информирање на јавноста за состојбата. Потребно е во секое време да бидат достапни јасни и прецизни одговори за секоја дилема. Еден пример за тоа се забуните што настанаа за финансиска помош за исплата на плата, за што во јавноста постоеше мислење дека ќе следува помош за секој вработен од нето-плата 14.500 денари, која на крај излезе дека е само финансиска поддршка во форма на позајмица што треба да се врати. Конфузијата креира неизвесност, која ги покренува граѓаните да носат одлуки што подоцна може скапо да ги чинат. Сите конфликти и незадоволства произлегуваат од надмено однесување, потребата да се доминира од позиција на моќ, наместо да се биде достапен во моменти кога граѓаните очекуваат помош и кога е генерирано незадоволство од повеќе страни. Учтивоста и грижата се особено важни кога се справува со тешка состојба. Ако сте биле подготвени да преземете одговорна функција, треба да сте подготвени и да работите со сите кои можат да допринесат за полесно надминување на состојбите, а не само со оние што ви ласкаат.

Да се побара помош доколку е потребно

Доколку не сте подготвени, најдобро е да се повикаат и да се консултираат сите релевантни организации и експерти да се приклучат во дискусијата за изнаоѓање на решение. Ова ќе овозможи да се идентификуваат проблемите, да се подобри процесот, но и да се добијат различни мислења, нови идеи и изнајдат алтернативни решенија.

Во време на криза, нема наши и ваши граѓани, деца, родители, вработени. Сите се ваши и затоа сте на позиција на која носите одговорност да работите посветено, да им се помогне и излезе пресрет на сите граѓани, а не на поединечни интереси.

Да се биде лидер кога има големи предизвици и во услови на криза не е лесно, но и во такви состојби лесно се гледа кој има капацитет да ги води процесите, а кој со многу амбиција, а малку знаење и искуство залутал во политиката. Иако во Македонија да се понесе одговорност во политиката е раритет, сепак, јасна е пораката дека некогаш со отстранување на оној што упорно греши и прави штета, може многу повеќе да се добие отколку да се изгуби.

(aвторот е претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот