Кризата „удри“ по малите бизниси во Албанија

Тирана, Албанија / Фото: Архива

– Забраната за движење мора да се укине, бидејќи доколку продолжи ограниченото движење повеќе од сигурно е дека 85 отсто од малите бизниси ќе пропаднат, вели претседателот на Здружението на мали бизниси, Алберт Насо.

Над 20 отсто од малите бизниси во Албанија ставиле клуч на врата, а поради пандемијата на ниво на севкупниот бизнис во земјата 120.000 лица останале без работа.

Ова го соопшти претседателот на Здружението на мали бизниси, Алберт Насо.

– Проблемите се различни. Во Албанија, 95 отсто од деловните субјекти се мали и средни, кои вработуваат од еден до четворица работници, а само пет отсто се големи бизниси со по над 200 вработени. По наредба на Владата поради Ковид-19, 91.000 бизниси ги затворија вратите, а само на 6.000 бизниси им беше дозволено да работат. Ние претходно рековме дека бизнисот може да и се спротивстави на кризата само околу 20 дена. а веќе поминаа три месеци, изјави Насо за Ора њуз телевизија.

Тој додаде дека сега многу од сопствениците на бизниси ги издаваат своите работни простории.

Насо посочува дека забраната за движење мора да се укине, бидејќи доколку продолжи ограниченото движење повеќе од сигурно е дека 85 отсто од малите бизниси ќе пропаднат.

Првиот човек на албанската конфекциска индустрија Ѓерѓ Бучуки, деновиве изјави дека проценетата економска штета во март и април, на национално ниво, изнесува две милијарди американски долари и оти секое одложување на враќањето во нормала ќе ја зголеми штетата. Затоа од Владата побарале итно враќање во нормален економски живот за сите деловни категории низ целата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот