Кризата помеѓу СДСМ и ДУИ ќе излезе од контрола?

Темата за употребата на албанскиот јазик се врати на политичката сцена како шлаг на тортата наречена недоразбирања помеѓу партнери во власта – СДСМ и ДУИ. Политичките експерти тврдат дека со самото тоа што двајцата лидери Зоран Заев и Али Ахмети не можат да изнајдат заедничка позиција за повеќе прашања, говори дека односите во владината коалиција се далеку од идеални.

Во политичките кругови од поодамна се зборува за нетрпение помеѓу раководството на двете партии, но со доближувањето на изборите закажани за 12 април следната година, посочуваат експертите, кризата ескалира дотаму што се поставува и прашањето дали коалицијата воопшто ќе издржи до 3 јануари кога треба да се формира техничката влада.

Дека нешто навистина сериозно се случува на таа тема, сведочат и минатонеделните настани во Собранието кога во два наврата на седницата на Комисијата за избори и именувања одлучуваше мнозинството пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Во петокот овие партии си избраа нов државен ревизор, а СДСМ неволно се согласи со предлогот. Еден ден претходно, пак, требаше да се избираат и двајца нови членови на Судскиот совет – првиот кандидат на ДУИ мазно помина со поддршка од пратениците од опозицијата, а вториот предлог на СДСМ не го доби потребното мнозинство.

Аналитичарите предупредуваат и дека случувањата во Уставниот и во Врховниот суд, изборот на новите амбасадори, кои патем се закочени само поради едно име на кое се противи партијата на Ахмети, дополнително ќе ги засилат несогласувањата. Според нив, нема да биде изненадување ако во следните недели серијата недоразбирања меѓу СДСМ и ДУИ кулминираат во целосен распад на коалицијата.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров смета дека големи се шансите СДСМ и ДУИ поединечно да настапат на претстојните парламентарни избори, бидејќи, како што вели, несогласувањата помеѓу двете партии се од огромни размери.

– Во сите европски држави обично се одржуваат избори со тоа што политичките партии настапуваат самостојно, а дури подоцна се кројат коалициите во зависност од изборните резултати. Овде, кај нас, праксата е поинаква, но големите разидувања помеѓу СДСМ и ДУИ ќе ги натераат двете партии практично да го следат тој европски пример. Владејачката коалиција дефинитивно е пред распаѓање. Од друга страна, мислам дека партијата на Али Ахмети овој пат ќе загуби многу гласови и нема да има толку добар резултат како што имаше низ годините – објаснува Лазаров.

И политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека веќе е загубена можноста за разрешување на внатрешните проблеми во владејачката коалиција.

– Како и во секој тензичен брак, опциите може да се сведат на, повеќе или помалку, следните: ако ја отфрлиме можноста за помирување, тогаш или ќе се крши мебел и скандалозно ќе се разведуваат, или едниот мирно ќе си ја „земе шапката“ и тивко ќе замине, или ќе останат во тензичен и дисфункционален брак заради јавноста. Постои опција, со многу труд и време, да се разрешат внатрешните проблеми, но такви сигнали не покажува ни еден од „сопружниците“. Во таа смисла, интересно ќе биде да се набљудува како овие тензии ќе се развијат во наредниот период – вели Арсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот