Кризата годинава ќе го намали БДП за најмалку половина милијарда евра

Фото: Profimedia

Обесхрабрувачки бројки стигнаа од институциите, кои го мерат растот на економијата во државава. Со втор квартал по ред во негатива, Македонија и официјално влезе во рецесија. Во третиот квартал има пад на бруто-домашниот производ за 3,3 проценти, а падот во вториот квартал бил дури 14,9 проценти, покажуваат новите податоци на Државниот завод за статистика со кои се коригираа претходните податоци за вториот квартал според кои економскиот пад беше 12,7 отсто.  

Новиот сет статистички податоци покажува и дека ноемвриската годишна инфлација е 2,2 проценти, извозот во периодот јануари-октомври е намален за 12,8 проценти во однос на истиот период лани, а увозот е намален за 11,5 проценти. Резултат на сите овие податоци беше и коригираниот пад на економскиот раст од страна на Народната банка, која информираше дека годинава ќе ја завршиме со намален економски раст од 4,9 проценти, за разлика од априлската проекција кога беше предвиден пад на бруто домашниот производ за 3,5 проценти оваа, во однос на ланската година.

Прогнозите на Народната банка се полоши од оние на Владата, според која годинава ќе завршиме со економски пад од 4,4 проценти. Но овие различни математики значат и големи разлики во однос на планираниот БДП, не буткаат во едно ново сценарио и за буџетските приходи и за неопходни мерки… Всушност, Буџетот за 2021 година се темели на прогнозата за овогодишен пад од 4,4 проценти, врз основа на тој податок се прогнозира раст за БДП во 2021 година и се прават прогнози за буџетски дефицит и за јавен долг.

Мала разлика, големи пари

Новите проекции за падот на бруто домашниот производ според Народната банка, покажуваат дека годинава севкупното општествено производство на стоки и услуги ќе биде за околу 550 милиони евра помало од она што минатата година е создадено. Според, поблагите проценки за економски пад на Владата пак, годинава ќе создадеме речиси 500 милиони евра помал БДП од лани, така што разликата меѓу проекциите на Народната банка и на Владата се околу 50 милиони евра. Инаку минатогодишниот бруто домашен производ бил 697,6 милијарди денари, или околу 11,3 милијарди евра.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи изјави дека Владата останува на проекциите и покрај најновите податоци од Народната банка.

– Остануваме на проекциите дека крајот на годината ќе биде со пад од 4,4 проценти. На неколку наврати кажав дека индустриското производство е во нагорна линија во смисла на заздравување. Не може да очекуваме, кога имаме над 30 проценти пад во вториот квартал, да имаме нагло одење во позитива во третиот квартал. Очекувам следната година економијата да оди во нагорна линија. Мислам дека се движиме во правец кој ни дава надеж дека следната година ќе можеме да имаме подобар старт – рече Битиќи.

Народната банка влошената прогноза ја аргументира се неповолно надворешно опкружување, но и со послабото домашно остварување во првата половина од годината. Притоа, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска нагласи дека во надолна линија се коригирани проекции за глобалниот раст на економијата во светот, при што ММФ предвиде пад на БДП од 4,4 проценти, а претходно предвидуваше пад од 3 проценти. За Македонија, рече таа, особено се важни прогнозите за Германија, бидејќи речиси половината од македонскиот извоз е наменет за оваа земја, но и таму има влошени проекции.

Јавниот долг ќе расте

Но, според кое и сценарио да се оди, јасно е дека ќе се зголемува јавниот долг и дека ќе бидат неопходни нови кредити. Според Предлог-буџетот за 2021 година, планиран е дефицит од 567 милиони евра. Притоа е предвидено е домашно задолжување преку домашни хартии од вредност, како и задолжување од странство кое може да се реализира преку издавање еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал и преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти.

И покрај влошените проекции, Ангеловска-Бежоска се држи до податокот како и Владата дека годинава јавниот долг ќе достигне околу 60 проценти од БДП, додека, пак, прогнозите за наредната година се дека тој ќе се зголеми за 1 до 2 процентни поени.  Според процените на Народната банка,  годинешниов буџетски дефицит ќе биде околу 8,5 проценти, додека со последниот ребаланс на Буџетот тој беше утврден на 8,4 проценти.

– Тешко е да се каже по кои услови и како државата ќе се задолжува во натамошниот период. Последните податоци за ноември покажуваат натамошно стабилизирање на финансиските пазари што во голема мера се врзува со информациите што се пресликуваат во напредокот во делот на пронаоѓањето на вакцините против ковид-19 – изјави гувернерката.

Според пресметките на ВМРО-ДПМНЕ, досегашниот вкупен пад на бруто-домашниот производ за првите 9 месеци од годинава е 5,77 проценти.

„Ги нема Фејсбук и Гугл, но ги нема ни оние 5 инвестиции што ги најави Заев на нашето последно соочување во МТВ. Денес влеговме во рецесија со пад на БДП од 5.77% во првите 9 месеци. Ниту можат, ниту знаат! Oставки поради предавство и неспособност, а потоа следува одговорност!“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот твитер-профил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот