Кривокапиќ: Ќе вакцинираме 70 проценти од населението до септември 2022 година

Црна Гора вакцинација ковид-19 коронавирус
Вакцинација против ковид-19 во Црна Гора / Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Црна Гора ќе вакцинира 70 проценти од населението против коронавирус до септември 2022 година, изјави црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ.

На покана на американскиот претседател Џо Бајден, тој учествуваше на глобалниот онлајн самит посветен на борбата против ковид-19, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

Самитот, како што соопшти Владата во Подгорица, беше можност да се потврдат глобалните напори од мултилатерални, национални и глобални фондови и нивната неподелена подготвеност да обезбедат финансиска, експертска и техничка поддршка со цел да се стави крај на пандемијата на ковид-19.

– Кривокапиќ, во име на владата, му се заблагодари на Бајден за навремената, глобална американска иницијатива со цел ставање крај на пандемијата, се вели во соопштението.

Тој рече дека пандемијата на ковид-19 ги стави здравствените системи, синџирите за снабдување со медицинска опрема и лекови и, конечно, демократијата пред исклучителен тест.

– Во исто време, уште еднаш ја потврди важноста на меѓудржавната солидарност, регионалната соработка и сојузите на кои припаѓаме во соочувањето со глобалните предизвици, додаде Кривокапиќ.

Црногорската Влада соопшти дека на виртуелниот самит, покрај Бајден, присуствуваа и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш и генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.

На самитот присуствуваа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, британскиот премиер Борис Џонсон, канадскиот премиер Џастин Трудо и американската потпретседателка Камала Харис.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот