Кривокапиќ почнува разговори за формирање нова влада на Црна Гора

Здравко Кривокапиќ/ Фото: SAVO PRELEVIC / AFP / Profimedia

 Лидерите на црногорскиот Демократски фронт дадоа согласност на носителот на изборната листа на коалицијата „За иднината на Црна Гора” Здравко Кривокапиќ да почне разговори околу формирање на идната власт со членовите од сојузот „Мирот е наша нација” и „Црно на бело”, јави „Вијести”.

Подгоричкиот весник „Дан”, повикувајќи се на повеќе извори од победничката коалиција, јави дека официјалните преговори за конституирање нова извршна и законодавна власт почнуваат денеска.

Претставниците на трите коалиции кои обезбедија мнозинство во парламентот, истакнуваат дека се создадени сите услови за официјални преговори и дека дејствуваат во тој правец. Тие најавуваат дека до крајот на октомври ќе има целосно формирана влада.

Еден од лидерите на Демократскиот фронт, Небојша Медојевиќ за Н1 Србија синоќа изјави дека е најважно да се формира силна влада со јака политичка волја. Тој изрази надеж дека албанските и бошњачките партии ќе влезат во новата влада.

– Државната изборна комисија ги објави конечните резултати од изборите, со што се создадоа услови трите победнички коалиции, со учество на сите парламентарни малцински партии, да започнат преговори за конституирање на новата извршна и законодавна власт во Црна Гора. Сигурен сум дека овој процес ќе трае многу пократко од сите претходни процеси што претходеа на конституирањето на нова влада, изјави за „Дан” Борис Богдановиќ, генерален секретар на демократите. Тој вели дека не очекува никакви проблеми за време на процесот, туку ефикасен договор, кој ќе следува во следните дваесетина денови.

Носителите на сите изборни листи денеска имаат средба со претседателот на црногорското Собрание Иван Брајовиќ, со цел да се закаже конститутивна седница за да се верификуваат пратеничките мандати. Црногорскиот Парламент, чие конституирање се очекува, има 81 пратеник.

Државната изборна комисија на Црна Гора во понеделникот ги објави конечните резултати од парламентарните избори што се одржаа на 30 август, според кои Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ освои 30 пратенички места, коалицијата За иднината на Црна Гора – 27, коалицијата Мирот е наша нација – 10 и платформата Црно на бело ќе има четворица пратеници.

Социјалдемократите и Бошњачката партија ќе имаат по три мандати, Социјалдемократската партија – два, додека по еден претставник ќе имаат Албанската листа Ник Ѓељошај – Генци Ниманбег и коалицијата Едногласно.

Договор за новата влада минатата недела потпишаа лидерите на трите опозициски коалиции – За иднината на Црна Гора на Здравко Кривокапиќ, Мирот е наша опција на Алекса Бечиќ и коалицијата Црно на бело на Дритан Абазовиќ. Tрите коалиции повеќе пати по изборите ги повикуваа малите партии, кои традиционално беа партнери на ДПС на Ѓукановиќ, да се придружат на новата власт.

Црногорската тројка: Абазовиќ, Кривопкапиќ и Бечиќ/ Фото: ЕПА

Црногорската „тројка” – Здравко Кривокапиќ, Дритан Абазовиќ и Алекса Бечиќ потпишаа, како што беше оценето во Црна Гора, историски договор за принципите на новата црногорска влада што ќе го наследи Мило Ѓукановиќ по 30 години на власт.

Меѓу основните принципи на преамбулата на договорот: Коалицијата останува посветена на членството на Црна Гора во НАТО и евроинтеграциите, Деполитизација на клучните институции работа поради бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата, Грбот, знамето и химната нема да се променат и Нема повлекување на признавањето на Косово – тоа нема ни да се разгледува.

Исто така, новата црногорска власт се согласи да нема реваншизам кон припадниците на поранешната власт, дека сите закони ќе бидат донесени или ревидирани согласно европските стандарди, а малцинските партии ќе добијат понуда да учествуваат во владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот