Кривична пријава против три лица од Гевгелија за злоупотреба на функцијата

Фото: Википедија

Одделението за внатрешни работи Гевгелија до Основно јавно обвинителство во Гевгелија поднесе кривична пријава против У.В. (61), П.Б. (48) и М.П. (53) поради постоење на сомнение дека од 2014 до 2017 година, како вработени во Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец” во Гевгелија сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Како што соопштија од МВР, У.В., која во наведениот период била директор на Јавното претпријатие, пропуштајќи да бидат наплатени долгови за извршени услуги од Јавното претпријатие, направени од страна на физички и правни лица од општина Гевгелија, с.Стојаково и с.Селемлија, сторила повреда на повеќе одредби од законски и подзаконски акти и договори.

Исто така, како што се наведува во соопштението, П.Б., кој во споменатиот период бил раководител на Сектор за комерција и односи со корисници при Јавното претпријатие, не изготвувал месечни извештаи за тоа кои корисници на услуги да бидат предупредени или тужени и не ги предавал на првоосомничената како директор, заради носење на конечна одлука.

Во периодот до 16.05.2016 година П.Б. не водел сметка сите побарувања од корисниците да бидат соодветно обезбедени преку судска или друга соодветна постапка пред тие да застарат, поради што било пропуштено да биде наплатен долгот од корисниците на услугите.

М.П. во својство на службено лице, раководител на сектор за општи и правни работи и човечки ресурси, во периодот од 17.05.2016 година до 31.12.2017 година не водела сметка сите побарувања од корисниците да бидат соодветно обезбедени преку судска или друга соодветна постапка пред да застарат, а дополнително, во содејство со П.К., ја злоупотребиле својата службена должност, така што по претходно дадена согласност од првоосомничената, селективно одлучувале кои физички и правни лица да бидат опоменати и тужени, при што пропуштиле да спроведат постапка за присилна наплата на долг од корисници.

Од МВР потенцираат дека со овие дејства осомничените, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овлстување, причиниле вкупна материјална штета во висина од 6.114.969 денари на штета на Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец” Гевгелија, како и друга дополнителна материјална штета на претпријатието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот