Кримската платформа – доказ дека Украина не е сама, не се признава анексијата на Крим

Крим, Украина фото МИА

Учесниците на вчерашниот инаугуративен самит на Кримската платформа испратија порака до Украина дека не е сама и дека меѓународната заедница нема да ја признае анексијата на Крим, и преку новата платформа заедно ќе работат на барање решение за ова прашање.

Украинскиот претседател вети дека ќе стори сé за да го врати полуостровот Крим, кој беше припоен кон Русија пред седум години, и ги повика меѓународните сојузници да ги поддржат овие напори.

Домаќинот на Кримскиот форум, украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека на Украина „и е потребна меѓународна поддршка” со цел да се „запре руската агресија”.

– Треба да размислиме за санкции, да ја зголемиме заштитата на човековите права, треба да размислиме за економските и еколошките последици од окупацијата, рече Зеленски.

Тој зборуваше на самитот Кримска платформа, кој Украина го организираше за да го зголеми притисокот врз Русија поради анексијата во 2014 година, која поголемиот дел од светот ја прогласи за нелегална. Ова придонесе за исклучително заладување на односите меѓу западните земји и Русија.

Во воведниот говор, Зеленски вети „дека ќе стори сé за да го врати Крим, така што Крим, заедно со Украина, ќе стане дел од Европа”. – За тоа ќе ги искористиме сите можни политички, правни и, пред се, дипломатски средства, рече Зеленски, додавајќи дека на Киев му треба „ефикасна поддршка на меѓународно ниво”.

Зеленски ја обвини Русија дека го претвори Крим во „воена база” и „упориште за Русија да го зголеми своето влијание во регионот на Црното Море”. Тој рече дека Москва тројно го зголемила своето воено присуство на Крим.

На самитот присуствуваа високи претставници од 46 земји и блокови, вклучувајќи ги САД, ЕУ и Турција.

На самитот имаше претставници од сите 30 земји -членки на НАТО, меѓу кои и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Тој  во своето обраќање ја реафирмираше недвосмислената поддршка на Република Северна Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, подвлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права и меѓународното хуманитарно право.

– Република Северна Македонија го поздравува одржувањето на Самитот за Кримската платформа иницирана како меѓународен координативен механизам за повторно разгледување на прашањето за Крим, со нагласување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, потпирајќи се на нормите на меѓународното право, резолуциите на Генералното собрание на ОН и одлуките на другите меѓународни организации, истакнал Османи, се наведува во соопштението од МНР.

Во рамки на настанот, беше усвоена заедничка декларација на учесниците на меѓународната платформа за Крим, на која се придружи и Република Северна Македонија.

Кримската платформа” е повикана да стане меѓународен консултациски и координациски механизам со цел да се постигне „мирен прекин на привремено окупираната територија на Крим” од страна на Русија. Ова е напишано во текстот на конечниот документ усвоен вчера по завршувањето на првиот состанок во Киев.

За таа цел, декларацијата упатува повик до Русија да се вклучи во конструктивно учество во активностите на меѓународната платформа, за што претходно беше разговарано во Киев. Во исто време, во секое министерство за надворешни работи на земјите учеснички се планира да се формира соодветна „контакт точка” на Крим.

Објаснувајќи го значењето на документот, Зеленски рече дека „јасно се наведува непризнавањето на илегалната анексија на Крим и обврската да се разговара за воведување дополнителни политички, дипломатски и ограничувачки санкции против Русија во случај на натамошна агресија”.

Тој, исто така, истакна дека во документот се наведуваат „заедничките напори на сите земји учеснички за зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот на Црното Море”.

Зеленски повтори дека декларацијата е отворена за пристапување на други земји и меѓународни организации. – Убеден сум дека многу од нив ќе се приклучат на тоа многу брзо, рече тој.

– Ја покануваме Руската Федерација да се приклучи на платформата на Крим. Секогаш ќе има место во декларацијата за потпис на претставникот на Русија, рече Зеленски.

 

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот