Крими-трилер: Секој автор го создава она дело што сака да го прочита

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави продолжението на трилерот „Виенски гамбит“ од македонскиот автор Анде Јанков, под наслов „Сигурен ризик“.

Главен лик во новиот роман „Сигурен ризик“ на Анде Јанков повторно е полицискиот инспектор Виктор Николов, кој две години по своето враќање од Виена, живее мирен живот во Скопје и сè повеќе се зближува со својата деветгодишна ќерка, Теона. Мирната есенска идила е нарушена едно септемвриско утро кога телото на дваесет и деветгодишната новинарка Драгана Несторовска е пронајдено во багажникот од нејзиниот автомобил. Авторот на романот Анде Јанков уште од најмала возраст покажува афинитет кон пишаниот збор, пишувајќи кратки раскази низ годините. Сопствениот интерес за пишување го наоѓа во крими-трилери, кои не многу често се присутни во македонската книжевна продукција.

– Претпоставувам дека мојот интерес за творење во трилер-жанрот е неминовно поврзан со самото тоа што омилена литература, којашто редовно ја консумирам, е токму крими-жанрот. Отсекогаш сум велел дека секој автор, на крајот од денот, го создава она дело коешто, всушност, тој сака да го прочита, па така и со мојот интерес за создавање крими-романи. Фактот што ваквиот книжевен жанр е релативно помалку застапен во македонската литература беше само поттик плус да се одлучам да творам во истиот. Приказната зад серијалот е фиктивна, но тоа не значи дека авторот не поаѓа од некои реални елементи и искуства во конструирањето на сетингот околу самото дејство, бидејќи, сепак, задача на секој еден писател е да ја отслика општествената реалност во којашто живееме. Конкретно, за моите досегашни издадени дела, може да се каже дека секое имало некаква реална заднина во самата приказна, што само придонесува да биде поблиска до читателите, бидејќи работите што се случуваат во самите книги се нешта што реално може да ни се случат на сите нас – објаснува Јанков.

Приказната зад серијалот е фиктивна, но тоа не значи дека авторот не поаѓа од некои реални елементи и искуства

Авторот Анде Јанков е роден во Велес. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 2013 година, но книжевноста отсекогаш му била блиска. Неговиот прв роман, „Едно лето на Крит“, кој излезе од печат во 2016 година во издание на „Култура“, е добитник на наградата „Романијада“. Потоа го објави „Виенски гамбит“, а моментално го пишува својот четврти роман.

– Планот ми е и следниот роман да биде, исто така, крими-трилер, бидејќи е трето продолжение во замислен серијал за еден ист карактер. По таа моја четврта книга, можно е да почнам да експериментирам, но повеќе со самата форма отколку со некаква промена на жанрот. Така што, би си останал во рамките на трилер-жанрот“ – открива Јанков.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 76, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 10-11 април 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот