Кревки белешки за една миговна љубов беа прочитани на промоцијата на книгата „Џакомо Џојс“

Роденденот на познатиот ирски писател Џејмс Џојс, роден на 2 февруари 1882 година, и роденденот на неговото најпознато дело „Улис“, со кое го стекна статусот на еден од најзначајните и највлијателните книжевници на 20 век, објавено на 2 февруари 1922 година, беа одбележани со настан во организација на Марија Гиревска на 2 февруари 2023 во кафе-книжарницата „Буква“.

На настанот беше промовирана новата книга „Џакомо Џојс“, двојазично издание (на англиски и на македонски јазик) во превод на Марија Гиревска и со белешки од Фриц Сен и Ричард Елман.

– Ракописот на „Џакомо Џојс“, испишан рачно од Џејмс Џојс на 8 листови за цртање и оставен меѓу кориците на една сина школска тетратка, бил пронајден во Трст. Брат му Станислав ги зачувал, а постхумно се објавени дури во 1968 година. Овие белешки најверојатно биле напишани во летото 1914 година, и дел од нив ќе послужат како проба за она што подоцна Џојс ќе го напише во „Улис“. Зошто Џојс ги оставил овие листови во Трст кога заминал во Париз во јуни 1920 година? Овие одломки од оживеано сеќавање за еден неисполнет копнеж за една црноока девојка, како што вели неговиот биограф Ричард Елман, претставуваат „едно мало, кревко, трајно совршенство“ – појаснува Гиревска.

„Како и во сите други дела напишани од Џојс, во ’Џакомо Џојс‘ иронично ѝ се дава моќ на љубовта, дури и кога таа сведочи за меланхолијата на човековиот обид да ужива во неа… Кревка е младата темноока жена и кревки се овие белешки за една миговна љубов“, напиша Гиревска во воведот кон македонскиот превод на делото.

Пред точно една деценија Марија Гиревска го преведе и најзначајното дело на Џејмс Џојс – „Улис“, а секоја година на 16 јуни го организира и настанот „Блумсдеј“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 165, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 февруари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот