Креативност во самоизолација: Проект „Уметноста на маските – Уметниците против Ковид-19“

Македонските уметници Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски учествуваат во меѓународен проект под покровителство на Канцеларијата на УНЕСКО во Бејрут, Либан, со дизајн за заштитни маски, како една од најдобрите мерки за заштита од коронавирусот.

Канцеларијата на УНЕСКО во Бејрут заедно со невладината организација МЕАДОВС (Медитерански напори за унапредување и развој на широко распространета одржливост) упатија покана до уметниците ширум светот да го преземат предизвикот за користење на визуелните уметности како моќна алатка која влијае на релевантните глобални проблеми преку меѓукултурниот дијалог. Концептот создаден од Лена Келекијан, претседател и основач на МЕАДОВС, доведе до реализација на проектот „Уметноста на маските“ под закрила и покровителство на Канцеларијата на УНЕСКО во Бејрут.

Темата беше „Уметниците и УНЕСКО против ковид-19“. Идејата беше преточена во полноправен проект во рамките на програмата „Уметници и креативност над кризата“ на УНЕСКО, а се одвиваше по повод Светскиот ден на културна разноликост за дијалог и развој.

Дизајн на маска од Пандора Апостолоска Саздовска

Предизвикот го прифатиле повеќе од 250 уметници од 120 земји. Од нашата земја со свои креации на дизајн за заштитни маски учествуваа Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски. Во рамките на краток временски рок од три седмици, наместо потребните три месеци, УНЕСКО – Бејрут и МЕАДОВС поминале низ процесот на селекција, надминувајќи ги јазичните бариери и културните разлики помеѓу уметниците од целиот свет.

Дизајн на маска од Сашо Саздовски

– Настанот имаше за цел да ја унапреди глобалната свест за социјална одговорност преку охрабрување на луѓето да носат маски, не како обврска, туку како една од најдобрите мерки за заштита. Борбата против ковид-19 имаше свои медицински херои, но ние ги поздравуваме сите херои – уметници кои доброволно го прифатија предизвикот во сопствената борба против пандемијата и нејзините социјални и културни закани – истакна Сашо Саздовски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 34, во печатеното и електронското издание на „Слободен печат“ на 5-7 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот