„Креативно студио“ со Марина и Елена од ателје „Сиена“: Несовршеноста на човечкиот допир дава своја позитивна енергија на секоја изработка

Парчиња накит од ателје „Сиена“ / Фото: Приватна архива

„Во последните години се создаде култура на носење и користење на производи што се рачно изработени од локални артисани и занаетчии. Сѐ повеќе и повеќе се ужива во уникатноста и креативноста, наместо во сериското машинско производство“, вели Елена од ателје „Сиена“.

Креативните вештини се нешто кое, со текот на времето, се надградува со многу љубов и внимание. Сепак, постои непишано правило дека талентот за уметност се пренесува од генерација на генерација.

Таква е приказната на Марина и Елена Јакшиќ, мајка и ќерка од Скопје, кои заедно го отвориле ателјето „Сиена“. Нивните уникатни парчиња накит неретко можеме да ги видиме на многубројни креативни базари низ Македонија, каде што овие две талентирани дами секогаш ги пречекуваат заинтересираните купувачи со широка насмевка.

Марина и Елена, кога кај вас се роди љубовта кон уметноста и креативната работа?

Марина: Уште од школските денови имав љубов кон креирањето и обрнував многу внимание на деталите, тоа беше нешто што многу ме исполнуваше. Како што растев, се пронаоѓав во многу креативни активности, какви што се дизајн на облека, шиење, кроење, изработка на уметнички слики на платно и стакло и многу други работи. Во 1987 година ги изучив тајните на сликарскиот занает од професорите Ѓоко Матевски и Цане Јанкуловски. Со своите слики учествував на многу групни и самостојни изложби. Но пресудно да почнам со изработка на накит ми беше посетата на курсот за филигран во Занаетчиска комора во 2015 година. Оттогаш ми се отвори нов креативен свет бидејќи самата техника овозможува безброј комбинации.

Елена: Родена сум во уметничко семејство каде што уште од мала преку игра бев вовлечена во светот на креативноста. Различните материјали, бои и техники беа дел од моето секојдневие и постојано набљудував и учев нешто ново. Многу се пронаоѓав во играта со бои, но и во реалистичниот цртеж. Па затоа природно дојде до тоа да се запишам во Државното средно училиште за уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ на отсекот сликарство, а потоа и на Факултетот за ликовни уметности. Самиот процес на создавање едно дело, од почеток до крај, ми претставува предизвик во кој уживам.

Фото: Приватна архива

Како дојдовте до идејата да го отворите ателјето „Сиена“?

Елена: Создавањето на ателјето „Сиена“ се случи многу природно и спонтано. Додека ја студирав четвртата година на Факултетот за ликовни уметности, почнав да ја изучувам техниката на епоксидната смола, а потоа од 2017 почнав да изработувам накит во оваа техника како хоби. Оттогаш, па наваму, хобито прерасна во нешто повеќе и почнав да творам под името ателје „Сиена“. Парчињата накит се рачно насликани, а потоа залеани со епоксидна смола и со тоа му најдов примена на сликарството во предмети за секојдневна употреба.

Во 2022 година заедно со мајка ми, која е филигранист, решивме да изработиме заедничка колекција на накит од сребро. Го искористив искуството од изработката на накитот од епоксидна смола да направам модерни дизајни, кои ќе се изработат во една традиционална техника како што е филигранот. Марина, мајка ми, моите дизајни ги преточи во прекрасни парчиња накит од сребрена плочка, комбинирани со филигран, гравирање и полускапоцени камења. Таа остави свој печат со својот стил на изразување, каде несовршеноста на човечкиот допир дава своја позитивна енергија и раскажува приказна.

Фото: Приватна архива

Филигранот е прекрасна техника на изработување накит, а во Вашето ателје може да се најдат повеќе вакви парчиња. Како изгледа процесот на изработка и колку време Ви е потребно за да изработите, на пример, едни обетки?

Марина: Филигранот се изработува од сребрена жица во различни дебелини. Со спојување на жицата се изработуваат различни форми, кои потоа се исполнуваат се потенки, сукани парчиња жица. За да биде сето тоа споено во еден производ се користи бренер- оган. По горењето потребно е парчето накит добро да се исчисти и да се исполира, и се добива ковнички блескав сјај, кој е карактеристичен за среброто. Времето на изработка е во зависност од комплицираноста на накитот и се движи од еден до два дена.

Фото: Приватна архива

Накитот од епоксидна смола е сѐ попопуларен меѓу младите. Каде ја наоѓате инспирацијата за дезените и дали можеби самите купувачи имаат свои сугестии?

Елена: Инспирацијата најчесто ја наоѓам во природата. Уживам во чести прошетки во планина, каде што најчесто ми се раѓаат новите идеи. Покрај тоа што ме инспирираат многуте видови растенија, цвеќиња, дрвја, животни и птици, самите прошетки во природа на чист воздух го избиструваат умот и ги кристализираат идеите на кои веќе сум работела подолг период. Најчести мотиви што ги користам се животните, растенијата и инсектите кои ги има во нашите шуми, но и во градот. Но секогаш ѝ оставам простор и на фантазијата и внесувам по нешто ново во дизајните, а сакам и да експериментирам со геометриски форми. Сепак, идејата е само мал и почетен дел од целиот процес на изработка, и се менува и расте во секој следен чекор. Не изработувам накит по нарачка, но понекогаш примам сугестии од купувачите.

Фото: Приватна архива

Дали постои некоја креативна техника што би сакале да ја усовршите во иднина?

Марина: Креативната техника која би сакала да ја усовршам е уфасување на кабашони во различни форми и стилови, како што се природни камења, кристали, циркони, бисери и друго. Затоа следна цел ми е да посетам таков курс.

Фото: Приватна архива

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас? И дали може да се живее со креативна работа?

Елена: Во Македонија рачните изработки се ценети. Во последните години се создаде култура на носење и користење на производи што се рачно изработени од локални артисани и занаетчии. Сѐ повеќе и повеќе се ужива во уникатноста и креативноста, наместо во сериското машинско производство. Тешко е да се каже дали може да се живее од креативна работа бидејќи зависи од многу фактори, но со упорност и голема желба кон работата секако дека може да се успее и да се живее од тоа.

Фото: Приватна архива

Кој е Вашиот совет до младите креативци што би сакале да отворат свој бизнис сличен на ателје „Сиена“?

Марина: На секој што чувствува во себе желба за креирање и сака да создава нови работи би му препорачала да си го следи сонот бидејќи храбрите ги следи среќата!

Марина и Елена ќе им подарат две нејзини изработки на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нивната приказна и сакате да добиете уникатно парче накит, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги испратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење.

Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот