
Креативно студио со „Александар стоун арт“: Во мојата колекција имам повеќе од 25.000 разновидни камчиња
„Самиот процес на собирање и класифицирање на камчињата, прерасна во друга фаза, кога добив идеја на тие камчиња да им дадам една друга димензија, а тоа е изработка на декоративни 3Д-креации“, вели Александар.
Природата никогаш не престанува да нѐ инспирира. Само со еден допир од креативните раце на човекот и најмалиот детаљ што се крие во неа може да стане неверојатно уметничко дело.
Препорачано
Александар Радически од Гостивар својата љубов кон уметноста и креативната работа ја искажува преку фотографијата, колекционерството, но и изработката на уникатни декоративни предмети и слики од камчиња и дрво.
Своите необични рачни изработки тој редовно ги споделува на инстаграм-профилот „Александар стоун арт“.
Александар, кога кај Вас се роди љубовта кон уметноста и креативната работа?
– Љубовта кон уметноста секој од нас ја носи со себе, колку, како и дали таа ќе прерасне во нешто поголемо и посериозно, зависи од креативноста што ја имаме како природен талент. Кај мене таа привлечност кон фотографијата и природата постоела од најрана возраст, но со текот на годините, постепено прерасна во пасија и хоби што се прошири на повеќе полиња: фотографија, изработка на декорации од камчиња, изработка на предмети од дрво, кои сѐ повеќе стануваа интересни и за пошироката јавност. Дел од тоа мое уметничко творештво го имам претставено преку изложби, учества на конкурси за фотографија, телевизиски претставувања. Инспирацијата за творење е неисцрпна, а мојата колекција на новосоздадени дела секојдневно се зголемува и проширува. Оваа љубов кон уметноста, креативното творење, ќе остане со мене уште долги години.

Како дојдовте до идејата да изработувате декоративни предмети од камчиња?
– Сето тоа дојде сосема спонтано и непланирано. Сѐ започна со собирање камчиња, најнапред од занимација, потоа тоа стана навика и подоцна прерасна во хоби. Целата таа палета на разновидни камчиња почнав да ја класифицирам по разни основи: боја, форма, големина, состав. Самиот процес на собирање и класифицирање на камчињата, прерасна во друга фаза кога добив идеја на тие камчиња да им дадам една друга димензија, а тоа е изработка на декоративни 3Д-креации. Со тоа камчињата добија душа, изразена преку мојата креативност, се доби една навистина интересна и несекојдневна уметничка димензија што е присутна во многу домови на љубителите на таков вид уметност.

Вашите декоративни предмети со камчиња се уникатни и несекојдневни. Каде ја црпите инспирацијата за дизајнот и дали прифаќате сугестии од клиентите?
– Инсталациските 3Д-слики со камчиња и природни материјали се дело што лично потекнува од мене како автор, без претходно да барам начин и идеи за какво дело би можело да настане, односно самите камчиња и нивната големина ги одредуваат темите и секако димензијата на целосната рамка. Исто така и самите сугестии се дел од изработката, клиентите ја одредуваат темата за која јас по моја визија ја реализирам.

Имате и колекција од најразлични ретро предмети. Од каде љубовта кон колекционерството? И што сѐ може да се најде во Вашата колекција?
– Покрај уметноста, тука е и страста кон колекционерството. По првонастанатата колекција од повеќе од 25.000 камчиња се јави желба и за антички ретро предмети. Поседувам 130 ретро телефони од целиот свет што се во перфектна состојба, од Првата светска војна, па сѐ до 1988 година. Покрај нив се и антички предмети од 1717 до 1980 година, монети, часовници, лулиња, керамички, бакарни, сребрени, месингани предмети и многу други.

Дали постои некоја креативна техника што би сакале да ја усовршите и да ја практикувате во иднина?
– Како автор на 3Д-креации при самата работа се надоградувам со идеи и нови методи и начини на работа, кои би ми олесниле. Сепак, би напоменал дека станува збор за исклучително тежок процес каде што се користи секаков алат најчесто минијатурен, кој ми ја олеснува работата: ултра мали скалпели, ножиња, пинцети, игли. Во иднина ќе работам на тоа самата слика да биде обвиена во епоксидна смола, но секако тоа е доста сложено и се надевам дека еден ден ќе стане и реалност.

Според Вашето искуство, колку рачните изработки се ценети кај нас? И дали може да се живее од креативната работа?
– Би кажал, да, се цени уметноста кај нас. Сепак постојат мал милион луѓе што ја сакаат и ја ценат и сакаат да се дел од неа на некаков начин, со приказ на свои дела и изложби итн.
Александар ќе им подари декоративни предмети од својата богата колекција на двајца читатели на „Слободен печат“.
Доколку ви се допадна нивната приказна и сакате да добиете подарок, пријавете се на имејл-адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде што ќе ни ги пратите вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење. Со среќа!