„Креативни“ решенија: Паркинг-место во Центар се чува со бетонски плочки и блокатори, Општината почна да ги трга

Фото: Фејсбук

Со бетонски плочки, бетонски столпчиња, со канти, дрвени штици, со стари гуми, па дури и со пластични петлитарски шишиња полни со течност, жители на Центар си „чувале“ места за паркирање. Оние, пак, поснаодливите, со боја си исцртале места за паркирање на тротоарите пред зградите, па уште си поставиле и паркинг-блокатори.

„Борбата“ за слободно паркинг-место е секојдневие за граѓаните што живеат во општина Центар, а проблемите со кои се соочуваат со години се нерешливи. Општината за да го олесни проблемот, голем дел од улиците ги наменува само за паркирање резиденти, а во дел од населбите, како што е Дебар Маало и зад Универзална сала, сите улички во локална надлежност се еднонасочни. И покрај тоа, недостасуваат места за паркирање на жителите, а сѐ очекува и да започне изградбата на најавената монтажна гаража во Капиштец.

Од Општина Центар неодамна најавија дека почнуваат засилени инспекциски контроли за незаконски поставените паркинг блокатори на самите улици, тротоари и други јавни површини.

Ова е една од мерките со кои во периодот што следува ќе посветиме повеќе внимание на процесот на ослободување на јавните простори. Упатуваме апел до сите граѓани и правни лица што имаат незаконски поставени блокатори на јавни површини, во најкраток можен рок самите да ги отстранат. Во спротивно, блокаторите ќе бидат отстранети, а одговорните ќе бидат санкционирани според Законот за јавна чистота – информираа од Општината.

Граѓаните ја подржаа ваквата иницијатива, а во многубројните коментари посочуваа локации каде што е присутно вакво самоволно однесување на некои од жителите. Најмногу жалби за ваквото узурпирање на јавниот простор има за населбата Дебар Маало.

Први да бидат блокаторите на улица Радњанска, зад Градежен факултет. Петнаесет месеци никој ништо не презема. Местата се блокирани, но празни, а тие се паркирани на отворените места. Доколку некој се дрзне да се паркира на јавните места следува шраф во гума, скршени бришачи, заканувачки писма и слично. Одамна имаме поднесено приговор до Општината и инспекциите, до ПОЦ, но досега никој не го реши проблемот – коментира жител на Дебар Маало.

Акцијата веќе е започната, а од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ известуваат дека во изминатиов период лоцирале и отстраниле незаконски поставени подвижни предмети на самите улици, паркинзи, тротоари и други јавни површини кои го блокираа сообраќајот и паркирањето.

Ги замолуваме жителите да не ги практикуваат овие активности на блокирање пристап, а во наредниот период ќе се продолжи со засилен инспекциски надзор и отстранувања од надлежните служби. Апелираме до сите граѓани, заедно да го направиме Центар поубаво место за живеење – велат од ПОЦ.

Освен во Центар, сличен начин на чување слободно паркинг место од жителите веќе одамна се применува во Карпош 1, каде што исто така има огромен проблем со паркирање, најмногу поради тоа што во оваа населба се паркираат сите оние кои имаат некаква работа преку Рузвелтова, каде започнува Општина Центар и каде што паркирањето или се наплатува или е наменето само за резиденти. Но, низ оваа населба најприменуван начин за чување слободно место се празните пластични канти од боја, што, пак, од друга страна често предизвикува кавги меѓу соседите.

Граѓаните притиснати од проблемот со кој секојдневно се соочуваат, изнаоѓаат најразлични „креативни“ решенија. Локалните власти, пак, треба да најдат реални решенија за своите жители. Проблемите со паркирањето тешко дека ќе се решат само со отстранување на „блокадите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот