Кражбите во гостиварскиот регион намалени за половина

Гостивар/Фото: МИА

Зголемен број на расветлени случаи и намалување на криминалот во гостиварскиот регион е забележан во статистиката на СВР Тетово од почетокот на годинава. Во петте месеци се бележи и намалување на вкупниот број случени сообраќајни несреќи.

Од јануари, па сé до крајот на мај вкупниот криминалитет на поширокото гостиварско подрачје, во споредба со истиот период лани, бележи намалување за 13 проценти. Во истиот период се бележи пораст за 70 проценти на откривачката функција, односно расветлување и реализација.

Според портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски бројот на кражбите е намален во голема мера, а нивното расветлување е зголемено.

– Во делот на класичниот криминалитет, кој и годинава е најзастапен на ова подрачје, намалувањето изнесува 40 проценти (кражби, разбојништва измами). Обичните кражби се намалени за 50 проценти, а толку изнесува и намалувањетои кај тешките кражби. Во овој период зголемена е за 30 пати откривачката функција кај економскиот криминалитет, вели Јосифоски.

Во оваа област во изминативе пет месеци, биле изготвени 124 кривични пријави против 148 сторители. Со нив се опфатени и седум странски државјани. Меѓу пријавените субјекти се и оние кои добиле пријави по член 206 од Кривичниот законик, а 10 угостителски објекти биле времено затворени.

Првото полугодие поминува и со 60 проценти намалување на кривичните дела од областа на неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги. Додека, незначително е намален бројот на прекршоците против јавниот ред и мир. Споредено со лани ова намалување изнесува три и пол проценти. Полицијата поднела вкупно 40 прекршочни барања против 55 сторители.

Ограниченото движење придонело и за намалување на вкупниот број случени сообраќајни несреќи кој е опаднат за 20 проценти. Покрај материјалната штета, претежно поминале со полесни последици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот