Краток пат, долга патарина!

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Министерот заборави да спомне дека на автопатот Скопје-Штип од патарина се ослободени многу категории граѓани – сите што ќе тргнат по неговиот совет, или пеш, или на коњ или што ќе ја прелетаат релацијата со авион, хеликоптер…

И најкраткиот автопат почнува со најскапата патарина. Добро позната работа е дека тие што патуваат со автомобил од Скопје до Штип или обратно, тоа може да го сторат и преку Велес. Ако им е скап автопатот, за кој им се потребни 320 денари во двата правци, може да патуваат и по споредни патишта, а може да одберат наместо за Штип да појдат за Куманово, Тетово или Врање или да не патуваат воопшто. Комбинации колку сакаш.

Впрочем, ова извонредно добро го објасни министерот за транспорт и врски во Владата, Благој Бочварски, во обидот да го оправда поскапувањето на патарините од 40 на 160 денари во еден правец на новиот автопат Скопје-Штип.

„Секако и граѓаните од источниот регион кои ќе го користат овој автопат имаат и втора можност – да патуваат преку Велес по друг тарифник за наплата на патарините или можат да патуваат по постојните регионални патишта, каде воопшто нема патарини. Секој граѓанин одлучува дали ќе патува побрзо по автопат каде се плаќа или ќе патува по регионален пат“, вели Бочварски. Заборави да спомне дека од патарина на автопатот се ослободени многу категории граѓани – сите што ќе тргнат пеш или на коњ или што ќе ја прелетаат релацијата со авион, хеликоптер…

Историчарите се прилично поделени околу тоа дали француската кралица Марија Антоанета, во екот на револуцијата, навистина им ја упатила славната порака на сиромашните демонстранти. Кога слушнала за нивното скандирање дека немаат ни леб да јадат, таа ги посоветувала што да прават во таква неволја – „ако немаат леб, тогаш нека јадат колачи“! Секако, ова решение потоа станало проблем. Било употребено против неа во судскиот спор, по што заедно со сопругот, кралот Луј Шеснаесетти, била декапитирана со гилотина.

Историчарите во Македонија нема да имаат двојба за зборовите на министерот Бочварски, кој со опциите за патување што им ги понуди на граѓаните и со ароганцијата успеа да го овековечи своето име. Не навлегувам во дебатата дали новиот ценовник е исправен, дали патарините се прескапи, но би дебатирал до смрт кога е во прашање сиромаштијата, слабата економска моќ на граѓаните во Македонија (стручно кажано), особено во источните краишта, каде на многумина секој денар поскапување, значи и минималната сума им е максимум оптоварување на домашниот буџет пресметан за патување до Скопје.

Автопатот се градеше со образложение првенствено да им го олесни патувањето на луѓето, а дури потоа џебот. Патарините претставуваат значителен приход во државниот буџет, но треба да се сфати дека на народот му се потребни пари и за леб, а и за некое колаче, ако остане.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот