Кратка изборна репортажа за Волшебниците од Оз

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Трамп падна затоа што се испокрши во демократскиот процес, а не затоа што Бајден беше посилен од него. Груевски падна затоа што на сите ни дојде до глава неговото насилство, кражба и тиранија, а Мицкоски? Мицкоски ни е добар затоа што преку него можеме да го јакнеме нашиот колективен имунитет против тиранија.

Се обидував да ја следам американската изборна политика во овој месец ноември – читав весници, портали, барав информации и во францускиот „Ле Монд“, американските „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, германски „Билд“ итн. Ништо не ме задоволуваше, ниедна информација не беше доволна; не најдов ниту луцидно објаснување, шема или мапа која може да ја задоволи мојата љубопитност. Наеднаш ми текна на мојот пријател што повеќе од декада живее во Лос Анџелес. Му свртев на Скајп, си реков можеби тој нешто би можел да ми објасни. Така и бидна.

Кон крајот на 19 век, вели мојот пријател, директно од „центарот на Холивуд“, втемелено е во американскиот Устав дека претседателските избори ќе се одржуваат во вторник, веднаш по првиот понеделник во ноември. Оттогаш постои, вели мојот пријател, „ден на избори“, а дури ниту тогаш не се гласало во еден ден. Војниците и дипломатите отсекогаш гласале по пошта, а во 20 век таа практика е проширена. „Рано гласање“, односно можноста да се гласа пред самиот ден на изборите е широко распространета.

САД, имено, се состојат од педесет држави, кои гласањето го одржуваат потполно автономно. Секоја од нив има свои правила за организирање избори, начин на гласање и пребројување гласови. Некаде мора да бидете регистрирани до одреден датум пред изборите; некаде мора да наведете дека сте демократски или републикански гласач; некаде треба да се изјасните дали сте „определен“ или „неопределен“; некаде може да се регистрирате и на самото гласачко место; некаде се гласа и со допирање преку екран, а некаде со пенкало се заокружува кандидатот. Трендот е јасен: непрекинато расте бројот на гласачи кои гласаат пред самиот ден на избори. Последните децении изнесува преку 30 проценти.

На овие избори бројот на „воените“ гласачи драстично рипна, а пред четири години кога Доналд Трамп победи, пред самиот ден на избори гласале нешто помалку од педесет милиони луѓе. Пред изборите на 3 ноември 2020 година, гласаа речиси 100 милиони Американци, што значи околу две третини од впишаните гласачи. Една од причините, несомнено е, пандемијата со ковид-19. За да се избегнат мешаници, на гласачите им е давано повеќе време и можност за гласање без физички контакт со другите луѓе.

Изборни кражби

За „изборна кражба“ првпат зборуваше Трамп веднаш откако беше избран за претседател во 2016 година. Тогаш ја обвинуваше Хилари Клинтон за кражба затоа што госпоѓата освои три милиони гласови повеќе од него. Тука Трамп виде кражба и заговор, велејќи дека „три милиони илегални доселеници“ гласале за Хилари иако немале право на глас. Дури и формираше специјална комисија за да ги провери тие гласови, а подоцна таа комисија беше распуштена.

Расправата за „интегритетот на изборите“ според логиките на Трамп оди вака: ако јас победам, изборите се легални и легитимни; ако изгубам, изборите се украдени, нелегални и нелегитимни. Сите испитувања на јавното мнение пред изборите покажува дека Бајден солидно води во однос на Трамп. На расположението на гласачите не влијаеше ниту тоа што Трамп заболе од корона, ниту тоа што многу брзо закрепна, ниту обидот да се претстави некој скандал врзан за Хантер Бајден, синот на Џо Бајден, кој според сѐ, не почива на ништо реално. Натаму, Трамп во своето лудило, заедно со неговиот син, со денови ги повикувале доброволците да им се придружат во „нивната војска“ која „внимателно ќе следи“ што на изборите се случува, што претставува незаконски акт, затоа што никаква „војска“ не може да го замени овластувањето на набљудувачите и контролорите на изборните места. Или, со други зборови, имало многу обиди гласачите да се мотивираат, односно да се демотивираат.

Но, сепак, ајде да се обидеме сево ова да го преведеме на „наш јазик“. Трампизмот е популистички образец, персонифициран во „типичниот претставник на американскиот народ“, во таквото популистичко „народњаштво“, Трамп ни се претставува (што е чист колективистички фантазам на неговите гласачи) како некој што „не може да ги изгуби изборите“, освен, нели, ако тие не се „наместени“. Сѐ што важи за Трамп, важеше и за Груевски, за Орбан, за Путин. Меѓутоа, постои една главна разлика (или карактеристика): во Америка демократијата постои и делува, а институциите и пред Трамп и по Трамп ќе функционираат. Факт е дека контаминацијата од Трамп сѐ уште е многу силна, факт е исто така дека некои гласови со право ни велат – „Како Бајден ќе владее после Трамп“?

Пораз на популистите

Е, затоа, нашите портали, весничиња и „опинион мејкери“ од десна провиниенција се прецвикани во своите слаби духчиња, тивко рикаат оплакувајќи го Трамповиот пораз. Не затоа што навистина веруваат дека „Трамп е подобар за Македонија“, туку затоа што навистина веруваат дека секој пораз на популистичката власт е исто што и крај на „владеењето на народот“, што значи дека Америка повторно ја презема „елитистичко-буржоаска“ и „отуѓена елита“. Тоа, пак, што Бајден доби пет милиони гласови повеќе од Трамп, или пак, тоа што Хилари Клинтон доби три милиони повеќе од Трамп, а сепак ги изгуби изборите од него, популистите ни малку не ги интересира: тоа се, нели, „фалсификувани гласови“!?

Да ви кажам отворено: нивниот популистички „фалсификат“ во себе содржи онтолошка природа затоа што тие сами по себе се лажни, оти „вистински“ се оние кои му одговараат само на популистичкиот модел на „народот“ и неговите избрани претставници. На заблудата на Трамп и кумува една банална персоналност (човекот е кретенски игнорант), ама уште поважно е тоа дека тој навистина не е во состојба да разбере дека факторите на осуетување се објективни и непроменливи: логиките на политиката, општеството и културата, сложеноста на американското општество, комплицираниот американски Устав; на крајот, не може да разбере, тој Трамп и тие опскурни „трамповци“, дека без разлика што има многу луѓе што ги сакаат неговите луди работи, од друга страна може да постојат (и постојат!) уште толку или уште повеќе луѓе кои се против тоа.

Која е разликата помеѓу Трамп, Груевски и Мицкоски? Начелно нема разлика, сите тројца беа (или сѐ уште се) носители на превратот на антидемократската провиниенција. Трамп падна затоа што се испокрши во демократскиот процес, а не затоа што Бајден беше посилен од него. Груевски падна затоа што на сите ни дојде до глава неговото насилство, кражба и тиранија, а Мицкоски? Мицкоски ни е добар затоа што преку него можеме да го јакнеме нашиот колективен имунитет против тиранија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот