Кратка историја на македонскиот страв

Фото: Слободен печат

Тогаш бевме премногу млади за да знаеме што вистински се случува, а сигурен сум дека ситуацијата не им беше баш јасна и на повозрасните. Говорам за периодот кога се распаѓаше Југославија, кога на урнатините на една земја изникнаа неколку нови. Распаѓањето одеше бавно, а раѓањето беше болно.

Се прашувавме меѓусебно без да си даваме одговори. Дали е можна војна во Македонија? Можна ли е интервенција на ЈНА? Војна со Србија или со Грција? Вооружено востание на Албанците? Деведесеттите години од минатиот век поминаа во едно сивило исполнето со стравови, со премногу прашања и премалку одговори.

На војната почекавме неколку години. Се живееше под постојана тензија и страв од тоа да „не запука“, проголтувајќи ја без прашање транзицијата што ги затвори фабриките и ги опустоши полињата. Нешто подоцна се случија оние полициски интервенции во Гостивар и Тетово, кои беа најава за тоа што подоцна ќе нè очекува. Стравот беше очигледен и за време на „воздушните напади врз СР Југославија“ од страна на силите на НАТО, кога во Македонија се слеаја стотици илјади бегалци. Прашања имавме многу, но одговори не добивме.

Војната дојде со почетокот на новиот милениум. Ние веќе не бевме така млади. Нашите прашања што ги поставувавме како деца конечно добија одговори. Татнежите од топовските плотуни понекогаш ги слушавме, а понекогаш ги чувствуваме во утробата. Еден од моите другари живееше на највисокиот кат од единаесеткатница во населбата Острово, од каде што со двоглед можеше да се види дел од Арачиново. Не дека видовме нешто особено, но војната беше тука, на неколку километри од нас. Наскоро друштвото почна да се намалува. На тие што пред само три или четири години беа на отслужување на воениот рок, им стигнаа покани за активирање во резервниот состав. Повторно ги облекоа униформите во неверица, со мачнина опишувајќи го денот кога ја соблекоа. Сега повторно беа во војска, одделени од семејството, од девојките, од другарите. Но овој пат немаше церемонии на давање заклетва, немаше банкети и пијано испраќање до железничка станица. Во војна заминуваа млади момчиња кои требаше да студираат, да работат, да се женат, да патуваат и да го уживаат животот. Но тие заминаа, а некои и никогаш не се вратија.

Без прашања го проголтавме „Рамковниот договор“, кој гарантираше мир. Резервистите се вратија дома, животот продолжи, но стравот никогаш вистински не исчезна. Се сеќавам и на оној „бунт“ на Агим Красниќи, кој со месеци го држеше под опсада селото Кондово, не дозволувајќи им на полициските сили да воведат ред. Неколку години подоцна Красниќи заврши во затвор како криминалец, но нам ни остана горчината од спознанието дека кога некој ќе посака, ќе може да ја држи земјата во заложништво.

Стравот потоа се претвори во политичка платформа во плашење на сопственото стадо со она туѓото. Пред секои избори децата се тепаа по автобуси, хулиганите закажуваа пресметки, а од говорниците политичарите испраќаа отровни пораки исполнети со национализам. Не постоеше политичка криза, лош рејтинг или внатрепартиски раскол кој не можеше да се реши со монтирано сеење на страв. А непријателот е секогаш истиот.

Во оваа кратка ретроспектива на стравот во Македонија не смееме да го заборавиме и на грозоморното убиство кај Смилковското Езеро, но и на „Диво насеље“, кои во правилни временски интервали ни покажаа дека не смееме да се охрабриме, дека стравот мора да го негуваме.

Мене ми беше страв и кога толпата, во која подоцна дознавме имаше еден куп активни полицајци и криминалци со дебели досиеја, влета во Собранието за да се пресмета со пратениците од „новото парламентарно мнозинство. Тогаш протестантите се плашеа од „Тиранската платформа“, уште едно „бонбонче“ филувано со страв.

Се наоѓаме пред нови избори, но и пред нови стравови. Граѓаните уплашени од епидемијата на ковид-19, ќе треба да се охрабрат и да излезат да гласаат. „Бонбончето“ сега се дели под брендот „Албанец премиер“, уште една парола што ќе треба да го преплаши Македонецот, кој инстиктивно се очекува да се збие во сопственото стадо, а гласот да му го даде на политичарот што од говорницата испраќа најотровни стрели. И никој не треба да ни се лути што така реагираме. Стравот во Македонија трае премногу долго за кој било од нас да биде имун на неговото дејство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот