Кратења со ребалансот: Димитриеска-Кочоска најмногу се налути на трошоците во Владата

Влада на РСМ / фото: Драган Митрески - Слободен печат

Помалку пари има и за Министерството за здравство, за Министерството за одбрана, во судската власт, Инспекцискиот совет, Агенцијата за администрација…

Прекроената државна каса веќе е во функција. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска сега ќе има повеќе пари за пензии, за плати и за сите законски обврски што ги има државата, а кои претходната влада не ги зеде предвид. За тоа се искористени сите внатрешни резерви во планираниот основен буџет, но предвидени се и нови задолжувања.

„Слободен печат“ направи анализа каде министерката видела најмногу нереализирани проекти и непотребни трошоци. Се кастрело во Владата, во Министерство за одбрана, во Министерство за финансии, во Судската власт, Инспекцискиот совет, во Агенцијата за администрација…

Најголемото кастрење е во Владата. Министерката за финансии при презентацијата на ребалансот наведе дека во Владата скратила секаде каде што е можно. Со основниот буџет во 2024 година за Владата биле наменети 84,3 милиони евра, а со ревидираниот 62,4 милиони. Во Владата има 353 вработени. Нивните задачи се да ја утврдуваат развојната и економската политика на земјата, да предлагаат мерки на Собранието и да утврдуваат политики за извршување на законите и на другите прописи, да го координира процесот на стратегиското планирање на централно ниво….

Помалку пари за транспорт, угостителски услуги…

Во рамките на Буџетот на Владата, намалени се пари за Комитет за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти од 292.000 евра на 160.000 евра, на Фондот за иновации и технолошки развој од 18,3 милиони евра на 12,5 милиони евра, намален е износот и за активности за економски развој за кои биле предвидени 36,5 милиони, а сега се 28,4 милиони. За реформа на јавната администрација износот е трипати помал од предвидениот, така што сега е 134.000 евра. Големо намалување има и кај ставката Стока и услуги – од 16,7 милиони евра на 11,1 милиони евра.

Помалку пари сега ќе има и Службата за општи и заеднички работи на Владата. За таму биле предвидени 21,7 милион евра, а сега се предвидени 19,4 милиони евра. Како што може да се види од документот за ребалансот, помалку пари има и за реконструкции и за изградба на објекти на државните институции. Во рамките на службата, намалени се и парите за транспорт, за угостителски услуги, за авиослужба.

Министерката Димитриеска-Кочоска ревносна била и кон своето Министерство – го скрати буџетот од 37 милиони евра на 26,6 милиони евра.

 Тешко оди градењето болници

Она што беше презентирано како најзагрижувачка информација во јавноста е намалување на пари за Министерството за здравство од 124,6 на 117,1 милиони евра. Во документот јасно е наведено дека има значајно намалување на пари за реконструкција и доградба на јавноздравствени установи, за медицинска опрема, за амбуланти во рурални подрачја, за Општата болница во Кичево, за Клиничкиот центар во Штип. Министерката потенцираше дека за сите проекти за кои нема соодветна реализација, имаат предвидено пари што не може да се потрошат до крајот на годината.

Скратен е и буџетот на Министерството за одбрана, од 327 милиони евра на 294 милиони евра.

Од институциите што „паѓаат во око“ со намален буџет е и Инспекцискиот совет, каде што буџетот му е намален од 659.000 евра на 527.000 евра. Инспекцискиот совет е самостоен орган на државната управа со својство на правно лице, надлежeн за: воспоставување и одржување на регистрите и на информацискиот систем за управување со инспекциски надзор; донесување програма за испит за лиценца за инспектор – општ дел и организирање и спроведување на испитот; донесување и спроведување на годишната програма за генеричка обука на инспекторите…

Бурни реакции во јавноста предизвика и кастрењето на буџетот на судската власт од 46 милиони евра на 45 милиони. Се скратија парите и за јавните обвинители и за Судскиот совет. Министерката за финансии во брифинг за новинари рече дека тие ги бараат парите само да си ги зголемуваат платите. Притоа, како контрааргумент посочи дека за шест месеци во Европскиот суд за човекови права се загубени предмети поради „право на судење во разумен рок“ во вредност од 3 милиони евра.

Со ребалансот Буџетот доби сосема нова рамка. Сега приходната страна е 5,17 милијарди евра, а тоа е дури 133,7 милиони евра повеќе отколку во основниот буџет. Или, изразено во проценти, растот на приходите е предвиден за 2,6 проценти. Расходната страна е „тешка“ 5,9 милијарди евра, а тоа се дури 322 милиони евра, или 5,6 проценти повеќе отколку во основниот буџет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот