жанета скерлев
фото: Архива/ Жанета Скерлев

Кралски награди и еден патец

Разликата од некогаш и сега е тоа што порано благороднички титули добиваа припадници на аристократијата. Сега, и обичните луѓе во чии вени не тече благородничка крв, што и да значи тоа. Не се делат само витештва. Има и други видови заслуги за заедницата

Пискотници се слушаа од Инвернес до Портсмут, што тешка несреќа ги збрка, и мажите, и жените, та гласи тажна ека и навева сал коб и зла?
Тоа антивладините конзервативни медиуми и разни ториевски симпатизери ја дознаа веста дека Садик Кан, градоначалник на Лондон, во три наврати, добил витешка титула од Кралот. Поточно, станал Сер, за политички и хуманитарни заслуги, по предлог на владата, а со благослов на Чарлс Трети.
Сер Кан, како што во оваа, 2025 година би требало да се ословува… не е задолжително, ама би било фино… е типичен лондонски политичар. Роден во Тутинг, во југозападен Лондон, син на возач на автобус, тука ја градеше својата кариера и како правник и како борец за човекови права и како политичар, со благо лева провиниенција што би можело да го опише како либерал демократ. Се обидуваа конзервативците да најдат противкандидат за градоначалник на Лондон, ама изборот беше толку слаб и неубедлив, што ги натера дури и најтврдокорните конзервативци да не ги гласаат своите. А имаше сѐ и многу нечисти кампањи и претставување на Лондон како мрачен и нечист и играње на антиимигрантска карта и измислување на описот Лондонистан на Садик Кан… но ништо не помогна. Кан ги победи и жената и црнецот, одбрани како противкандидати не затоа што беа нешто квалитетни, туку затоа што беа жена и црнец.

Признанија со критики

Еден од тврдокорните противници на лондонскиот градоначалник дури поведе и петиција, која доби повеќе од 200.000 потписи, дека Садик Кан не треба да биде награден со благородничка титула и признание, зашто не направил доволно за Лондон. Ова не донесе ништо ново, туку само покажа колкава е поделеноста на дел од гласачкото тело, која во услови на скапотија и дезинформации (времето на Елон Маск), само се заострува, но засега, не доминира.
Низ годините, нападите врз Садик Кан се зголемуваа со секоја нова криза во земјата, уште од децениското владеење на конзервативците. Тој е третиот лабуристички градоначалник на метрополата, а лондончанките и лондончаните и натаму го гласаат Кан, оддавајќи му признание за неговите, не секогаш популарни, но ефикасни мерки. Тој го намали загадувањето на воздухот во Лондон, ја прошири велосипедската мрежа низ градот, со години ги држеше замрзнати цените на градскиот транспорт и неуморно работи на подобрување на квалитетот на животот, и покрај тоа што во два мандата немаше голема поддршка од тогашната конзервативна влада. Она што му се припишува како неуспех е несправувањето со криминалот, поточно со малолетничкото насилство и убиствата со ножеви, мачети, ками, сабји и други „средства за бодење“, кои одземаат голем број млади животи. Многумина сметаат дека ова не е само лондонски проблем и дека бара поширок, системски приод, но изгледа дека засега, никој нема вистинско решение.
И така, Садик Кан им се приклучува на Сер Пол Макартни, Сер Мик Џегер, Сер Шон Конери (бог да го прости), Сер Алекс Фергусон, Сер Елтон Џон, Сер Антони Хопкинс и на долгиот список познати актери, музичари, научници и политичари што беа одликувани, претходно од кралицата, а сега и од Кралот Чарлс Трети. Се разбира, по предлог на владата што е моментално на власт.

Гордост

Што, всушност, значи да си Сер? Мина времето кога англиските кралеви и кралици ги даруваа благородниците со титули кои, нормално, беа врзани со имоти и пари! А во некои случаи и со жени?!
Ништо, зилч, нул, натинг, ич и цврц. Благородничката титула во денешно време не носи пари. За жени/мажи воопшто и да не разговараме. Носи – престиж. Носи задоволство, гордост и убави чувства дека ете, досегашната работа и труд некој ја видел, оценил и признал. Носи и дотерување со мажот, жената, партнерот, партнерката и одење во Бакингемската палата каде што на свеченоста, најчесто суверенот (ако не е нешто индиспониран и не му е добро, па да делегира некој од највисоките членови на кралското семејство), ќе ви закачи медал како признание за заслуги за татковината, за Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Разликата од некогаш и сега е тоа што порано благороднички титули добиваа припадници на аристократијата. Сега, и обичните луѓе во чии вени не тече благородничка крв, што и да значи тоа. Не се делат само витештва. Има и други видови заслуги за заедницата, па на заслужните им се даваат титули како ОБЕ (орден на британската империја) и слично, и луѓето главно се радуваат што, ете, и на ваков начин им се признава и поздравува работата и животните дела. Има и такви кои не ги прифаќаат ваквите награди. А има и други, како, на пример, Сер Ален Шугар, сопственик на Амстрад и главниот во популарната те-ве игра „Приправник“ (американската верзија беше со Доналд Трамп), кому му се закануваше да му се одземе титулата Лорд зашто шест години не стапнал во горниот дом на Парламентот и не поставил ниту едно прашање. Но, лордовите се приказна за себе и за некоја друга пригода.
На критичарите на Садик Кан и неговата награда, за која вели дека децата и внуците го отепале од зафркавање, може, а не мора да им каже дека витештвата и кралските признанија и одликувања секогаш биле контроверзни. Така, по предлог на еден од претходните премиери, Дејвид Камерон, кралска награда за заслуги за народот доби извесен… Тој беше личниот бербер… ок, стилист, да не се навреди човекот на тогашниот лидер на конзервативците и заслугата му беше што му го сврте патецот на премиерот од десна на лева страна. Или обратно, мене ми изгледаше ист, ама Камерон беше среќен, и жена му Саманта беше среќна, а среќен премиер треба да значи среќна влада и следствено на тоа, среќен народ. Но, тој потоа со ништо предизвикан реши да воведе референдум за Брегзит и – нѐ унесреќи.

(Авторката е новинарка)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот