„Кралот лав“ – Римејкот на култниот класик ги надмина очекувањата

Детството од пред две до три децении и детството кое го живеат денешните генерации носи со себе многу драстични промени, технологијата е значително напредната, па така сегашните деца многу повеќе се пред компјутер, отколку на улица.

Но, она што е исто и непроменето е љубовта кон цртаните филмови. Тие херои без кои ниту едно детство не е комплетно. Далечната 1994 година на екраните се појави цртаниот филм на Дизни, „Кралот лав“, кој веднаш ја освои публиката. Децата го обожаваа, Симба беше нивниот херој, Скар беше и остана негативецот, а Муфаса (таткото на Симба) симбол за интелигенција и лавот од чии мудри мисли и изреки многу деца имаа што да научат.

Сега, 25 години по премиерата на првичната верзија на „Кралот лав“ добивме римејк на една од најфасцинантните приказни на „Дизни“. Водејќи се по примерот на приказните за „Аладин“, „Убавицата и ѕверот“ и уште неколку култни цртани филмови, сега конечно и најславниот меѓу нив доби филмска верзија.

Филмската верзијa не разочарува, напротив може да се каже дека ги надминува очекувањата и сега ни дава еден поинаков увид во староновата приказна. Цртаните на Дизни, на кои во изминативе години им беше направен римејк се случуваше да отстапуваат од оригиналната сторија и да претрпат сериозни промени во самата содржина и структура на филмот, но тоа не е случај и со „Кралот лав“, бидејќи режисерот овде стриктно се држи до оригиналот, што посебно ќе им се допадне на најстрасните обожаватели кои се емоционално поврзани со првичната верзија од 1994 година.

Секако, има одредени сцени кои се разликуваат, меѓутоа станува збор за финеси кои дефинитивно не влијаат на крајниот исход и главната суштина на приказната.

Играниот филмски анимиран мјузикл со себе ја носи познатата приказна за лавчето Симба, кое треба да го наследи кралството од својот татко Муфаса. Гледајќи го новиот, мајсторски направен филм со дотерани анимации каде не постојат јасни граници меѓу реалното и нереалното,  сигурен сум дека во некои моменти ќе помислите дека лавовите и другите животни навистина се наоѓаат пред вас и ви зборуваат. Од друга страна, филмот можеме да го карактеризираме и како беспрекорна зоолошка изложба на африканската фауна на големото платно.

Поради сите тие спектакуларни детали кои најдобро е да се доживеат отколку да се опишат, слободно можеме да кажеме дека на новата верзија на „Кралот лав“, веројатно многу повеќе им се радуваат повозрасните!

Значи приказната е без промени, Симба треба да стане новиот крал, ги следи советите на Муфаса и му се восхитува уште од мали нозе, но овде е злобниот брат на Муфаса, лавот Скар, кој прави сѐ за да го тргне неговиот брат од престолот за тој да може да владее.

Неговата љубомора го води дотаму да го убие својот брат, а на хиените, кои се најголеми противници на лавовите, им наредува да го убијат лавчето Симба, за тој заедно со нив да владее во сега веќе новото кралство.

Симба сепак ќе преживее, си запознава нови пријатели, Тимон и прасето Пумба, кои, за разлика од својот татко, кој го учеше да владее и му ги објаснуваше вредностите на животот, сега му го објаснуваат митот за „Хакуна Матата“. За нив се во животот е релативно, сѐ се движи по една линија и нема потреба за никакви грижи. Нивното „кралство“ изобилува исто така со многу убави пејсажи, Симба овде запознава и многу други пријатели и убаво си поминува.

Преку песна, игра и повторно неверојатно реалистични сцени на филмското платно, ни се претставени сите животни со сите нивни доблести и мани, како и целото патешествие на Симба со новите пријатели. Исто како и во оригиналната верзија, неговата најдобра другарка од детството, Нала, се враќа по него, бидејќи Скар заедно со хиените го уништиле кралството на татко му, па тој ќе мора да се врати и да покаже кој е главен.

Симба на почетокот одбива, но потоа се враќа на голема врата, иако неговото семејство мисли дека тој е мртов, Симба се појавува пред нив и на сите им дава надеж дека повторно може се да биде како порано.

Малото лавче, кое сега веќе е голем и храбар лав, бестрашно им се спротивставува на хиените и сегашниот крал Скар, со кого на крај, водат меѓусебна епска битка, во која победата ја носи Симба.

На радост на сите во кралството, сѐ се враќа на старо, Симба е новиот крал, кој продолжува да го води кралството онаму каде што пред неколку години застана неговиот татко Муфаса.

На тој начин завршува приказната за „Кралот лав“, која сосема заслужено доби еден одличен римејк.

И покрај тоа што приказната ни е веќе позната и е иста како оригиналот, она што сега го гледаме на платното е надреално, „Дизни“ се надминува, а најмалите добиваат еден рециклиран анимиран филмски класик во кој можат беспрекорно да уживаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот