Крај по 48 години: Британија ги раскина и економските врски со ЕУ

Фото: EPA-EFE/NEIL HALL

Велика Британија ноќеска ги раскина и економските врски со Европската Унија, целосно ставајќи крај на партнерството долго 48 години.

После политичкото напуштање на Унијата на 31 јануари 2020 година, Велика Британија ноќеска во 23 часот по лондонско време, а на полноќ по средноевропско време, го напушти и единствениот пазар на ЕУ и царинската унија која овозможуваше слободно движење на луѓето, стоките и услугите меѓу членките.

Одвојувањето од ЕУ е најголема економска промена со која Велика Британија се соочила од крајот на Втората светска војна.

ЕУ станува се помала со распадот, а Велика Британија е послободна, но исто така и поизолирана во турбулентниот свет, според Асошиејтед Прес.

Според трговскиот договор за периодот по Брегзит, кој беше договорен на 24 декември, Велика Британија и 27 членки на ЕУ можат да продолжат да купуваат и продаваат стоки без царински давачки и квоти од 1 јануари.

Договорот донесе нови ограничувања, но за приврзаниците на Брегзит тоа значи потврда на независноста од ЕУ.

Британскиот премиер Борис Џонсон, еден од водечките поборници за Брегзит, рече дека поделбата е „фантастичен момент“ за неговата земја.

„Ја имаме нашата слобода во наши раце и сега останува на нас да го искористиме максимумот“, рече синоќа Џонсон во новогодишната порака.

Дефинитивниот распад следеше по таканаречениот 11-месечен преоден рок, за време на кој Велика Британија остана во економските структури на Унијата, додека Лондон и Брисел водеа исцрпувачки и напнати преговори за трговски договор во последен момент за да се избегне хаос на границите и нарушувања на трговијата.

Британските власти инсистираат на тоа дека новите гранични системи се „подготвени за работа“, но исто така предупредуваат дека ќе има „некои нарушувања“ во наредните денови и недели.

За да се намали ризикот од метеж, Велика Британија постепено ќе воведе нови царински постапки за производите на ЕУ до јули 2021 година.

Некои царински постапки стапија на сила минатата ноќ, а тие се однесуваат на увоз на алкохол, тутун, хемикалии и контролирани психоактивни супстанции, според Би-Би-Си.

Меѓу другото, од полноќ нема целосна слобода на движење меѓу ЕУ и Велика Британија.

Граѓаните на Велика Британија кои сакаат да поминат повеќе од 90 дена во кој било шестмесечен период, од вечерва имаат потреба од виза во повеќето земји на ЕУ.

На туристите нема да им требаат визи за кратки патувања.

Луѓето што се враќаат во Велика Британија од ЕУ можат да донесат до 42 литри пиво, 18 литри вино и 200 цигари, без да плаќаат данок.

Граѓаните на ЕУ кои сакаат да се преселат во Велика Британија, со исклучок на Ирците, ќе се соочат со имиграцискиот систем како и оние од другите места во светот.

Британската полиција изгуби директен пристап до базите на податоци низ ЕУ, за криминални досиеја, отпечатоци од прсти и лица барани со потерници.

Трговците од Англија, Шкотска и Велс ќе мора да губат повеќе време на документи кога прават деловни активности со членки на ЕУ, додава Би-Би-Си.

Британците одлучија да ја напуштат ЕУ на референдум во јуни 2016 година.

За излегување од ЕУ беа 52% од гласачите, додека 48% беа против.

Извор: Бета

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот