ЕКСКЛУЗИВНА АНАЛИЗА (2) | Крај на војната во Украина или сириско сценарио

Владимир Зеленски, Владимир Путин / Колаж: Слободен печат. - Иван Самарџиев

„Слободен печат“, го објавува второто продолжение од интервјуата на четворицата реномирани светски експерти Андреј Корубко, Дејв Семинара, Ѓорѓи Ерман и Мајкл Тејлор кои на идентични прашања но од различен агол даваат светлина врз конфликтот во Украина. Соговорниците говорат за енергетската криза, можноста од нуклеарна војна и реперкусиите од конфликтот врз Европа и светот. 

Точно 73 дена од кога се активни фронтовите во руско-украинскиот конфликт, битките меѓу завојуваните страни се чини не стивнуваат. Според проценките на ОН земјата ја напуштиле околу 11 милиони лица. Четворицата соговорници во своите интервјуа за „Слободен печат“ говорат за тоа дали се наѕира крајот на конфликот и дали постојат сценарија како може да се развива војната во Украина. По азбучен редослед на имињата на соговорниците Ви ги преставуваме одговорите од прашањата.

Андреј Корубко, руски новинар и воено-политички аналитичар кој истовремено е и истражувач на институтот „Глобал рисрч“ и познавач на релациите на Руската Федерација со Западот.

Андреј Корубко, руски новинар и воено-политички аналитичар

СП : Како обичните луѓе, но и владата во Русија гледаат на развојот на конфликтот во Украина и дали постојат сценарија за можниот крај на конфликтот?

– Анкетите на јавното мислење на оваа тема во Русија покажуваат дека огромното мнозинство од населението ја поддржува тековната специјална воена операција во Украина. Иако за волја на вистината во земјата постои и одредено несогласување за случувањта, тоа за сега е со низок интензитет и не е значајно, ниту репрезентативно.

Сепак, на овие состојби им се посветува несразмерно внимание од непријателските странски медиуми кои на тој начин се обидуваат да ја креираат одредената перцепција за состојбите на оваа тема со цел да ја доведат во заблуда нивната таргетирана прозападна публика. Од друга страна руските власти, по овие прашања делуваат дека се фокусирани да ги промовираат до крај своите хуманитарни, воени и стратешки цели што ги имаат воспоставено во спроведувањето на специјалната операција.

Што се однесува до прогнозирањето на сценаријата за развој на настаните, можам да кажам дека најпопуларни се неколку предвидувања. Првото сценарио на Западот кој е предводен од САД, преку нивните полномошници во Киев, е дека Русија ќе потклекне на притисоците и нема да ја исполни својата цел со оваа специјална операција бидејќи е воено зглавена во „мочуриште” од проблеми и трпи „големи загуби“. Второто сценарио кое и најверојатно ќе се случи, е дека владата на Русија по секоја цена ќе го спроведе руското пријателско сценарио во конфликтот и дека се очекува тој наскоро и да заврши од кога руските вооружени сили (РАФ) ќе ја спроведат својата опеарција со победа и успешно во источните и јужни делови од Украина и во и околу териториите на Доњецка Народна Република (ДНР) и Луганска Народна Република (ЛНР).

Дејв Семинара е долгогодишен новинар во американскиот „Волстрит журнал“, поранешен дипломат, експерт на прашања поврзани со надворешната политика на Вашингтон и Стејт департмент.

Дејв Семинара – долгогодишен новинар во американскиот „Волстрит журнал“, поранешен дипломат

СП: Како обичните луѓе, но и администрацијата во Вашингтон, гледаат на развојот на конфликтот во Украина и дали постојат сценарија за можниот крај на конфликтот?

– Меѓу Американците во суштина постои широко прифатено чувство за поддршка на Украина, а сето е линеарно на исто ниво и помеѓу партиите но и помеѓу граѓаните на земјата. Важно е да се напомене дека САД ќе сторат многу за да им помогнат на Украинците, но не верувам дека во тој процес ќе се ризикуваат животите на Американците.

Во правец на кажаното, сакам да истакнам и дека економијата на САД се намали премногу во последниот квартал. Дополнително имаме огромен трговски дефицит и сме длабоко во долгови. Уште колку можеме да продолжиме да и даваме на Украина милијарди долари помош? Не тешко да се процени. Можеби потешко нешто да се процени се само можните сценарија за крајот на војната. Верувам дека можеби најдобро решение за мир би требало да се бара во преговори каде ќе се утврди ветување Украина да остане надвор од НАТО со посебни права за руските преставници во земјата. Дополнително, проблем во овој процес е што мислам дека Русија ќе инсистира и на одземање на делови од територијата на нападнатата земја, но не знам дали Украина ќе се согласи на ова проблематично барање.

Ѓорѓи Ерман, новинар родум од Киев дел од редакцијата на „Би-би-си“ од сервисот на украински јазик кој својата специјализација на меѓународните проблематики ја усовршил на катедрата на националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев.

Ѓорѓи Ерман – Политички новинар во „Би-би-си“ сервисот на украински јазик, од националниот универзитет Тарас Шевченко во Киев

СП: Како обичните луѓе, но и владата во Украина гледаат на развојот на конфликтот во Украина и дали постојат сценарија за можниот крај на конфликтот?

– Во денешно време никој не може да предвиди како ќе заврши оваа војна и колку долго таа ќе трае. Но, според анкетите во нашата земја повеќе од 90 отсто од Украинците веруваат дека ќе извојуваме победа во војната. Сепак она што е проблематично е што би можело да се оцени како победа пост конфликтот. За жал се сомневам дека мнозинството од Украинците како победа нема да го оценат враќањето на состојбите од 24 февруари.

Имено, токму затоа претседателот Володимир Зеленски на 30 април вети дека ќе бидат ослободени сите градови кои сега се окупирани од руските сили. Со други зборови, можно е само да се предвиди дека ослободувањето на тие региони во иднина ќе биде највисок приоритет на Украина и земјата никогаш нема да прифати окупација. Токму сега окупираните делови на Украина се многу важни за нашата економија,  безбедност и земјоделство. Во поширок контекст тука влегуваат и регионите Доњецк и Луганск, каде Украина ќе се обиде да ја отфрли нивна окупација, кои се под руска контрола од 2014 година. Токму затоа, во овој момент е рано да се говори како ќе се развиваат состојбите на терен во регионите Доњецк, Донбас и Луганск или Крим.

Др. Мајкл Тејлор е истражувач во институтот „Оксфорд Аналитика“ и поранешен уредник на деск редакцијата на „Би-би-си“ во Лондон, тој е специјалист за состојбите во Источна Европа, Балкнаот и Русија.

Др. Мајкл Тејлор – Истражувач во институтот „Оксфорд Аналитика“ и поранешен уредник на деск редакцијата на „Би-би-си“ во Лондон.

СП : Како обичните луѓе но и владата во Британија гледаат на развојот на конфликтот во Украина и дали постојат сценарија со можниот за крај на конфликтот?

– Официјално, Владата на В.Британија очекува Украина да победи, а тоа впрочем го посочи и премиерот Борис Џонсон пред украинскиот парламент на 3 мај. Секако, Лондон во исто време и помага во тие заложби со испорачување на оружје на Киев и друга поддршка, што пак посочува дека највеорјано ќе бидеме сведоци на една долга војна. Мислам дека првично, многу луѓе во Обединетото Кралство очекуваа Русија брзо да ги постигне своите цели, поради нејзината огромна супериорност во бројки, но се испостави дека тоа во праска не е така. Во овој момент мислам дека се погласни се верувањата дека е возможно дури и Украина да победи. Во тукашната јавност постои и верување кое не треба да се заобиколи кое вели дека едно од сценаријата за војната во Украина е и можноста за долготраен или „замрзнат“ конфликт.

Во британската јавност дополнително се разработуваат и сценаријата што би се случило пост Путин во украинскиот конфликт ако тој биде сменет од власта или почине од смртна болест како канцер. Ова, пак, сценарио вели дека постојат две алтернативи. Првата е дека наследникот ќе може да дозволи прогласување на прекин на огнот бидејќи руските порази успеваат се потешко да ги сокријат своите жртви, а недоследностите во официјалната верзија на Кремљ за настаните стануваат поочигледни.

Украински војници чистат остатоци од експлозивни направи – EPA-EFE/OLEG PETRASYUK

ПРОДОЛЖУВА…

 

ЕКСКЛУЗИВНА АНАЛИЗА (1)| Геополитиката ја сопира славината на гасоводот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот