Крај на политичката перверзија

Јавноста, интелектуалците, медиумите и активистите имаат морална обврска да го осуетат секој, и најмал, обид на политичарите и криминалците да ги присвојат, поточно, украдат придобивките од демократските процеси и од граѓанскиот отпор… Особено ако тие се обидуваат да добијат доверба од гласачите за функции во државата. Во овој, пострежимски, период стана јасна потребата да се осуди и отфрли секој што се обидува да ја манипулира јавноста, на било кој начин, а особено ако тоа се заснова на криминална кражба и извитоперување на идеи и процеси важни за нашата заедничка иднина.

Структура што извршила децениски погром врз правдата и демократијата, банда која, не само што не се откажува и не покажува срам и каење за злосторствата, туку и ги брани како да се доблест, нема легитимитет и кредибилитет да повикува на правда, па дури ни да ја критикува власта, особено ако не преземе барем еден дел од одговорноста. Во политиката и во историјата нема „страчка нема врачка“. Без оглед на тоа колку некој сака да го одрече и скрие тоа, најголем дел од проблемите со кои се соочува општеството денес, се последица токму од владеењето на оние чии усти се полни со правда, историја, наследство, чест и чесност. Притоа, истите тие, бесрамно заговараат исклучивост, насилство, поделби… Сеат омраза и лаги, се служат со евтини гангстерски трикови, тролаат и прават бељи кај стигнат и колку што можат повеќе. Вистински пакосници и злобници!

Со нивниот шум, со крадењето идеи, со извитоперувањето на реалноста, со насилието, тие на некој начин, ѝ прават услуга и на власта, поточо, го поддржуваат лошото владеење. Тоа може и да се очекува. Создавајќи лоша клима, деградирајќи ја демократијата, добиваат простор само да се претопат во општество какво што создадоа и какво што им одговара – општество во кое сите вредности се уништени, каде што владее криминал, страв и деструкција.

Накратко, општеството во кое спаѓаме сите ние, не успева да ја формулира и насочи критиката онаму каде што системот е болен, бидејќи „лажните пророци“ ја присвојуваат улогата на критичари и бесрамно ги крадат придобивките од критиката што ним им била насочена. Тоа е врв на политичката перверзија. Накратко… Критиката на власта, било која власт, не може да биде во рацете на оние што заслужуваат иста таква, ако не и пожестока критика.

Одамна требаше да се повлече линија! Но, подобро доцна отколку никогаш.

Ќе тргнам од себе, ќе говорам во свое и само во свое име. И ќе кажам: Точно знам со кого не сакам да бидам поистоветуван, со кого не сакам да застанам во истиот ред кога ја критикувам власта за непотизмот, корупцијата, неефикасноста… за сите неиспонети ветувања. Немам намера да се пребројувам, ниту да се вбројувам, но не сакам да ми крадат! Не сакам да ми крадат од колумните, изјавите, извештаите за кршењето на човековите права и слободи.

Еден од многубројните примери ми е и референдумот. Сите што не гласаа, сите биле бојкотирачи. Бре! И фантомите и оние што си заминаа од земјава и не сакаат ни да се сеќаваат од каде заминале, и починатите лица во Избирачкиот список, и заплашените, и манипулираните, и поткупените, и рамнодушните, сите! Сите се бојкотирачи, според нив. Каква ли грда и грабежлива логика! Уф, колку не сакам апаши, немам зборови! Нема ништо полошо за нашата (кревка) демократија од  крадењето и присвојувањето, манипулациите и злоупотребата на граѓанскиот отпор.

И не е прашање дали некој има право да говори во име на граѓанскиот отпор, туку кој нема право!

Ако сакате, може да се расправаме околу тоа дали некое движење, иницијатива, протести, Шарената револуција или некој друг облик на граѓанско дејствување и отпор, имале лидери или не, дали биле организирани хоризонтално или вертикално. Можеме да се расправаме околу идеите, побараните и исполнетите ветувања, успехот или неуспехот. Ама не можеме да им дозволиме на деструктивни и криминални структури да крадат од тие придобивки за да добијат некаква власт. Е, тоа, не! А, ако некој си заминал затоа што се разочарал или затоа што го купиле, нема право да им го отстапува заедничкото наследство на апашите. Тоа наследство е неотуѓиво.

Според мене, сите протести, иницијативи и Шарената револуција имаа лидери. Тие беа неформални, но се истакнаа како лидери, на свој начин, со сите ризици што ги презедоа, со сета енергија, креативност и љубов што ги вложија за да се урне еден режим. И, се разбира, можеме да спориме и околу ова. Но, немам намера да спорам за тоа со некој што знам дека нема никакво морално право да говори на овие теми, ниту да повикува на почитување на тие вредности против кои и денес жестоко се борат.  Тие се и ќе останат национал-шовинисти, заостанати конзерви што не се воздржувале од лакомо користење на јавното добро, не се воздржувале од криминал и насилство. Толку.

Ете, затоа и јас повикувам #НаМегдан, поточно, ја поддржав иницијативата без да му ја мислам дали некој добро или лошо ќе ја води или претставува, туку дали поседува легитимитет и кредибилитет. Ја поддржувам, затоа што сакам да бидеме на чисто, да си кажеме кој е кој и што е што. Јавноста не е играчка, не може да си игра со неа кој стигне и кој како сака!

Да заклучам… Разочарувањата и критиките за практикувањето на власта, било која власт, не значи дека со придобивките од граѓанскиот отпор можат да се „послужат“ политичарите од било која боја, од било кој политички или криминален табор. Мислам дека нема потреба од повеќе зборови за да се објасни суштината на оваа порака. Чао!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот