Крај на една ера: „Тојота“ го собори „Џенерал моторс“ од тронот во САД

Гигантот од Детроит ветува дека годинава ќе се врати на тронот/Фото: EPA-EFE/TANNEN MAURY

Американскиот автомобилски гигант „Џенерал моторс“ првпат по 1931 година не продал најмногу возила во САД.

На првото место лани се пробила јапонската „Тојота“, која продала 2,3 милиони возила низ Америка, односно за 10 отсто повеќе во споредба со претходната година. Продажбата на „Џенерал моторс“, пак, се намалила за 13 отсто, главно поради глобалниот недостиг од полупроводници што ја погоди автомобилската индустрија воопшто.

„Џенерал моторс“ објави дека на крајот од оваа година ќе му ја врати гордоста на Детроит, кој со децении го носи прекарот „град на автомобилите“.

– Да сум на нивно место, јас не би брзал да истетовирам „ние сме број 1“ – ги предупреди јапонските ривали претставникот на „ЏМ“, Џим Кејн.

Во втората година од пандемијата продажбата на автомобили во САД се зголемила за 2 отсто, но сѐ уште е под вообичаеното ниво од пред ударот на ковид-19. „Џенерал моторс“ лани продал 2,2 милиони возила, а во 2020 продал 2,5 милиони. Главни адути на гигантот од Детроит се „урбаните теренски возила“, а „Тојота“ го направи пробивот со автомобилите со хибридни мотори.

Најголемите американски производители „ЏМ“, „Форд“ и „Крајслер“ своевремено учествуваа со 90 отсто во вкупната продажба на моторни возила низ САД, а во 2008 задоволуваа една половина од пазарот. Пробивот на „Тојота“ не се случи „преку ноќ“ – моделот „камри“ е најпродавана лимузина во Америка веќе 20 години, а „рав 4“ е најпродаван урбан теренец веќе пет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот