27.8 C
Скопје

Крахираше системот: Во цела Македонија не може да се издаде рецепт за лек!

Хронични акутни болни не можат да добијат лек од вчера, кај ниеден матичен лекар, затоа што системот за издавање на рецептите не функционира. Така дијабетичари, луѓе со висок крвен притисок и други хронични болести, не можат да ја набават својата редовна терапија, па матичните лекари се принудени да им кажуваат медикаментите да си ги купат на приватно.

Матични лекари од цела држава за „Слободен печат“ потврдија дека од вчера не функционира системот за издавање рецепти и дека ниту од Фондот за здравство ниту од „Мој термин“ не ги информирал до кога ќе трае системскиот проблем. Од Фондот за здравствено осигурување велат дека проблемот воопшто не е кај нив, како што тоа беше случај пред околу месец дена, кога системот им падна од пребукираност на серверите.

-Грешката не е кај нас, туку во „Мој термин“. Не може да се испрати рецептaта од „Мој термин“ до Фондот. Грешката е програмска и се работи на нејзиното отстранување, вели Ирфан Лимани, директор на секторот комуникации во ФЗОМ за „Слободен печат“.

Во меѓувреме, пациентите се препраќани по неколку пати да се снаоѓаат во нефункционалниот систем, и тоа е удар по нивниот џеб.

-Вечерта отидовме да земеме терапија за повозрасен член од семејството. Прво во аптеката ни кажаа дека цел ден системот не работел и не издаваат лекови на рецепта. Мораш да имаш розева рецепта од матичен или на дежурен. Па моравме да одиме на дежурен лекар. Зависи, некои аптеки може да те услужат, ама кршат некакви одредби и не си ја оправдуваат нивната работа. Дежурниот лекар пак, не може да ти ја даде целата терапија на розова рецепта, туку молевме за тоа што ни е најитно. Или ако лековите се скапи, а на приватно се скапи, тогаш луѓе купуваат по една лента. Особено е лошо тоа што некои луѓе го немаат луксузот да прескокнат апче, вели Марија Бошковска од Скопје.

-Вчера кај мене дојде дијабетичар со повредена нога, не можев да му издадам рецепт за лек, туку му напишав пусулче и му кажав да се врати денеска. Ама денеска системот пак не работи. Ова ги афектира сите пациенти со акутни болести и не работи системот за издавање хронична терапија во цела Македонија. Редно време е ФЗОМ и Мој термин да почнат да ангажираат поголем број на информатичари и да го решат проблемот, вели матична лекарка од Скопје. Претседателката на здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова исто така потврдува дека голем број поплаки и пријави пристигнуваат до неа од нејзините колеги.

-Не можеме да издадеме рецепти воопшто, во цела Македонија. Пациентите доаѓаат, велат немаат скоприл, амлодипин, но не можеме да услужиме ниеден. Во ФЗОМ не се јавува никој, не знам зошто. Не е проблемот во нашите софтверски програми. Барем некој можеше да не извести дека нема да можеме да ги услужиме пациентите. Огромен број луѓе не можат рецепт да си подигнат, зашто не можеме да го издадеме рецептот. На приватно мораат да ги купуваат. Еден тон луѓе вративме од Македонија. Програмерите од „Мој термин“ се пратени по вакцинални пунктови и не знам кој им го одржува системот. Од вчера попладнето, после 15 часот, ниеден рецепт не издадовме сите мораме да им кажеме приватно да си купат. Делот за издавање упати за лабораторија функционира, но делот за издавање рецепти не, изјави таа за „Слободен печат“.

Поврзани вести

Гебрејесус: Очекувам Гвинеја да прогласи крај на епидемијата на ебола

Катерина Стевовска

Штипјанец пронајден мртов во близина на селото Чардаклија

Слободен печат

Приведен дилер од Битола, пронајдени кокаин и марихуана

Слободен печат

Генералното собрание на ОН му изгласа втор мандат на Гутереш

Слободен печат

ВИДЕО | Невреме во Русија: За шест часа паднал дожд како за месец дена – сѐ е под вода

Слободен печат

Намалено ДДВ за 30 отсто на пет грчки острови погодени од бегалските и мигрантските бранови

Слободен печат

Остави Коментар