„Кожурец“ – филм за растењето и будењето премиерно во Кинотека

Заводливата приказна за полнолетството и сексуалното будење „Кожурец“, на германската режисерка Леони Крипендорф, вечерва во 20 часот ќе има премиерно прикажување во Кинотеката на Северна Македонија.

Филмот учествуваше во официјалната програма на Берлинале 2020 и беше номиниран за наградите „Сребрена мечка“ и „Теди“ во програмата наменета за младите гледачи (Generation 14plus). Учествуваше и на фестивалите во Сао Паоло (Бразил), и Гвадалахара (Мексико).

Берлинската населба Кројзберг е микрокосмосот на Нора. Нора, тивок набљудувач, секогаш тагира на социјалните мрежи: на забавите, в училиште, на базен, на покривите и во апартманите. Заедно со постарата сестра и со пријателите „се шлаат“ по здодевниот пејзаж на станбените блокови, набљудувајќи ги минувачите: девојчиња што сакаат да бидат витки и убави, момчиња што „тресат“ глупости само за да провоцираат или затоа што се вљубени. Сето тоа забележано со камерите на паметните телефони. Нора на посебен начин го набљудува светот околу неа, и кога ќе го запознае Роми ќе сфати зошто: музиката е во воздухот, телото на Нора се менува, а гасениците излегуваат од нивните кожурци. Филмот го бележи летото на промени кај Нора…

Филмот е наменет за возрасна категорија над 12 години. Дистрибутер е „Катавеј“ од Скопје, а дистрибуцијата е поддржана од Германскиот филмски фонд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот