Ковидот го закочи стартот на чистењето на линданот од ОХИС

Чистењето на линданот, затрупан на малата депонија во кругот на некогашната хемиска фабрика ОХИС повторно е одложено. Според информациите од Министерството за животна средина, активностите на терен не се започнати бидејќи претставникот на изведувачот, компанијата Полиеко, е хоспитализиран со ковид, а не е довршена ниту административната процедура поврзана со потребната документација.

Министерот за животна средина, Насер Нуредини уште во декември објави дека грчката компанија Полиеко, специјализирана за третман на индустриски депонии победила на меѓународниот тендер, распишан од агенцијата на Обединетите Нации УНИДО за чистење на првата од трите депонии со отровната хемикалија линдан која повеќе децении претставува сериозен загадувач во непосредна близина на Скопје. Оттогаш траат и формалностите околу документацијата на релација МЖСПП- Полиеко.

Од Министерството информираат дека чекаат да им биде доставен превод на документацијата по што тие ќе издадат Одлука за започнување на активностите, па дури потоа ќе следуваат подготвителните активности и на терен, како и обезбедување на потребната документација, сите потребни транзитни дозволи до крајната дестинација и воедно признаваат дека во услови на пандемија целиот процес се одвива отежнато. Ова значи неизвесен старт за самото чистење на линданот од малата депонија и уште повеќе го пролонгира целиот процес на отстанување на опасната хемиска закана од дворот на ОХИС.

Малата депонија, која е прва на ред за чистење, и големата, според проценките, заедно содржат помеѓу 50 и 70 илјади тони опасен отровен материјал и контаминирана почва. Проценките, пак, за цената на чинење на чистењето на линданот достигнуваат и до 260 милиони евра, доколку опасната хемикалија се транспортира на уништување во странство. Неизвесно е и дали и кога државата ќе се справи и со третата депонија во кругот на ОХИС, за која постојат сигурни сознанија дека содржи линдан, но чијшто состав се уште не е детално истражен, како и со линданот депониран кај излетничкото место Пеленица, во близина на населбата Драчево.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот