Ковидот ги напаѓа децата, се повеќе бебиња заразени – во Козле се лекуваат 26

Институт за белодборни заболувања кај децата – Козле
Институт за белодборни заболувања кај децата – Козле / Фото: МИА

Во Детската болница Козле во моментов со ковид се хоспитализирани 26 деца. Најмалото е двомесечно бебе, а „најстариот“ меѓу овие пациенти има 12 години. Во последните две недели расте бројот на заразени од ковид меѓу најмладата популација.

-Во болницата дури 70 проценти од хоспитализираните се деца од 0 до тригодишна возраст. Ретко има поголеми деца. Станува збор за бебиња кои се заразиле од ковид од родителите и потесното семејство. Главно доаѓаат со две групи симптоми, покачена температура и кашлица, или пак со повраќање и диареја, односно проблеми со гастроинтестиналниот тракт. Остануваат во болницата од 7 до 10 дена, ги рехидрираме и се во добра општа состојба, изјави за „Слободен печат“ директорот на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај деца, д-р Бесник Зекири.

Во јули, од недела во недела расте бројот на деца заразени од ковид, од возрасната група од 0 до 9 години, од 66 во првата недела од месецот, до 226 во последната седмица од јули, при што е забележано зголемување од 32,9 проценти во однос на претходната недела кога имало 170 заразени деца од најмала возраст.

Се полнат болниците, но капацитетите се доволни

На крајот на јуни во болниците низ државава лежеле само 10 пациенти, а нивниот број од недела во недела во текот на јули постојано расте. Така првата недела хоспитализирани се 28 пациенти, од кои двајца на килородна поддршка, потоа 50 – од кои 13 на кислородна поддршка. Во третата седмица од јули во болница лежеле 138 пациенти, од кои 40 биле на кислородна поддршка и еден на механичка вентилација. Последната недела од минатиот месец хоспитализирани се 161 пациенти, а на кислородна поддршка се ставени 45 од нив.

Првите две недели од минатиот месец Македонија беше во фаза на широка трансмисија, подниво 1, со соодветни капацитети за одговор, а последните две недели е во подниво 2, што значи дека препорачаните мерки за превенција и контрола од СЗО, како што се носење маска во сите надворешни и внатрешни простории каде не може да се одржи растојание од најмалку еден метар, да се избегнуваат гужви, редовна и темелна дезинфекција на рацете со алкохол како и на работните простории, ограничување на бројот на патници во јавниот превоз и низа други. Но, Комисијата за заразни болести не донесе дополнителни рестриктивни мерки, освен што важат последните усвоени – носење маски во јавниот превоз, здравствените институции, аптеките и домовите за стари лица.

И министерот за здравство Беким Сали минатата недела соопшти дека иако земјата е во жолта фаза рано е да се стартува со нови мерки и посебно со планот за отворање на 5 ковид амбуланти во Скопје во кои ќе ротираат 553 тима, на примарно ниво.

Најголем дел од заразените со ковид се во Скопје, во но текот на јули Кавадарци бележи највисока инциденца. Најранлива на ковид е популацијата над 60 години, а расте и бројот на реинфекции. Во јули од ковид во болнички услови починаа 23 пациенти, на возраст од над 60 години и со коморбидитети. Забележан е и еден смртен случај кај млада пациентка од Свети Николе, на возраст од 23 години. Оптимистички се податоците во однос на оздравените лица чиј број во текот на минатиот месец постојано расте.

На почетокот на јули почна вакцинацијата со четврта доза, а паралелно трае и вакцинацијата за прва, втора и трета доза од ковид вакцините за граѓаните кои досега не се вакцинирале или тоа го сториле само делумно. Интересот за четврта доза постојано расте па од 805 на почетокот на јули се зголеми на 5.844 вакцинирани на крајот на месецот. Препорака е задолжително да се вакцинираат лицата со хронични болести како и повозрасната категорија граѓани.

Доминантен сој е Омикрон

Во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ само во периодот од 11-17.07.2022 година е изведено секвенционирање за детекција на варијанти на SARS CoV-2. Изработени се вкупно 48 примероци од пунктови позитивни на SARS CoV-2 од Скопје, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Свети Николе, Охрид, Неготино, Кочани, Штип, Струмица, Струга и Тетово.

Кај 39 примероци (81,2%) е детектирана BA.5 сублинијата на Омикрон сојот, кај 6 примероци (12,5%) е детектирана BA.2 сублинијата, додека пак кај 3  примерока (6,3%) – BA.1 сублинијата на Омикрон.

Новодетектираната BA.5 сублинија е забележана кај примероци од различни градови: Скопје, Струмица, Охрид, Штип, Неготино, Велес, Кавадарци, Тетово, Кочани и Гевгелија.

Поради зголемениот број на лица со симптоми на ковид, Центарот за јавно здравје Скопје ги зголемува термините за тестирање зависно од потребите, но голем дел од граѓаните, не можејќи да чекаат термин, ги користат услугите на приватните лаборатории.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот