Ковид семејни ситуации

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Семејство како семејство, навидум обично, ама со неколку специфичности. Кои доаѓаат до израз во кризни времиња, како сегашните. Да ги тргнеме настрана оние членови што ги преболуваме, оние небитните, оние недостапните и оние што се прават недостапни. Од останатите, секој посебен и специфичен и свој и прекрасен, тука и низ светот. Се пребројуваме.

Постоеше сериозна опасност Митко, најмирољубивиот човек на планетата Земја,  да се втурне во просториите на „Слободен…“ и да започне расправија „зошто ме нема“. Чекал човекот недела, две, три, и дури кога успеа да ме најде и да добие веродостојно објаснување, страстите се смирија, а духовите се успокоија. Но само до некаде.

Семејство како семејство, навидум обично, ама со неколку специфичности. Кои доаѓаат до израз во кризни времиња, како оние сегашните, пандемично коронски. Да ги тргнеме на страна оние членови што ги преболуваме, оние небитните, оние недостапните и оние што се прават недостапни. Од останатите, секој посебен и специфичен и свој и прекрасен, тука и низ светот. Нормално, пристрасна сум. Се пребројуваме. На ковид парови разброоојс! Еден двајца ковид прележани. Мнозинството-вакцинирани. Астра! Зенека! Астра! Зенека! АЗ! АЗ! АЗ! Рас два! Спутник, Спутник, Синофарм, Синофарм, Фајзер, Фајзер, Фајзер, Фајзер, Фајзер, Фајзер… демек, за повозрасните.

И нормално, бидејќи сме такви какви што сме, имаме и задгранични комитети на неутрални антиваксери, кои решија да не се вакцинираат. Тие, со сите заштитни мерки (зашто се и тоа како свесни за постоењето на ковид-19) ја искористија можноста за европско патување без вакцинирање и тестирање и отидоа да здивнат малку. На море во Албанија. Напред наши!

И главно, сите поминавме без поголеми последици. Освен мајка ми, која по втората Фајзер вакцина доби мозочен удар. Па затоа малку ме немаше, но сега  сум тука, до догледно време. Таа, фала на прашање, подобра е. Само Митко нешто е испаничен и решил да не се вакцинира, а дента кога се слушнавме, имаше закажано. Вели, ќе чека да најдат лек против ковидот, па тогаш ќе почне да излегува.

 

ДУП и Северџани форевер

 

Што ти значи влијание на средината. Не можам, а да не следам вести, без оглед каде и да сум. Зависник, признавам. И ете, сега имам задоволство одблизу и од прва рака да ги следам тукашните, ептен во живо, дури и оние што порано ги гледав одложено или преку Јутјуб. Некогаш со задоволство, некогаш да ги поправам и (професионална деформација), а често и да се нервирам, зашто под превезот на „слобода на говор“ тука има сѐ и сешто.

Последните 10 дена практикувам интензивен „информативен македонско-англиски паралел слалом“. Читам така комбинирано и кога одеднаш ми се појавува „брејкинг њуз“ –  ДУП-от во хаос! Аман, што се случува? Хаотична ситуација, оставки на сите страни, лидерот во незавидна позиција! Гледам фотографија, двајца костумосани, во позадина фонтана… и потоа ДУП-от станува Democratic Unionist Party (Демократска унионистичката партија), најголемата политичка партија на протестантите во Северна Ирска, која во последно време има сериозни проблеми. Откако неодамна на чело на партијата дојде Едвин Путс, партијата, која се залага за потесни врски со Обединетото Кралство, ја зафатија сериозни проблеми. Тој, за разлика од неговата претходничка Арлен Фостер, никако да стане премиер. Дали проблемот е во мистер Путс, традиционалист кој верува дека земјата е стара само 4.000 години? Дали грб му вртат неговите зашто во неговата партија никако да се окончаат „унионистичките кавги“? И конечно, дали тоа што според договорот за брегзит на премиерот Борис Џонсон, требаше да нема граници меѓу Северна Ирска и Република Ирска, а сега има, и тоа во Ирското Море, им го загорчи животот на сите во овој дел од земјата. Без оглед дали сакаат „Ирска цела да е“ или се „Северџани форевер“. Следете го ова, ирската брегзит сага е далеку од решена.

И како да не ни беа доволно потреси, вчера се испотресовме со уште нешто дополнително. Владата, онаа таму, не оваа тука, ни беше околу еден час парализирана. Имаше прекин на интернетот. Во ред, траеше само еден час, ама тоа натера многумина да се замислат за зависноста и последиците од немањето интернет. И не сме биле само ние и не сме биле само тука, туку и низ Европа и Соединетите држави, и вебсајтите, како оние на владата, Би-би-си, Пејпал, Амазон, Шопифај, Вимео и уште некои други биле засегнати. Ова натера многумина да се запрашаат која е логиката толку многу инфраструктура да биде во рацете на мал број компании. Како, на пример, „виновникот“ за вчерашниот крах, провајдерот „Фастли“.

 

Фастли семафор

 

А во духот на „Фастли“, што значи брзо, брзински, набрзина и со неуредно спакувани куфери, со морска сол во косите, со недосушени маици, со песок во гаќите за капење и со недопиена локална сангрија, илјадници Британци ги сменија авионските билети и побрзаа да се вратат во татковината. Причината беше што владата без најава и предупредување реши да ја смени бојата на семафорот. Значи вака. Владата вели дека Британците главно не треба ова лето да летуваат, а ако веќе сакаат, да летуваат дома. Тоа што ќе ги дува ветер, што морињата и езерата и реките се студени, тоа што климата е „лето потопло врне, зима постудено врне“, нема врска. Дома си е дома. Зашто имаме пандемија и ковид-19 и шансите да се донесе дома несакана варијанта, со седење дома се помали. Еднаш среде во Литлхемтон (ресторанот Вардар на прекрасните Лорета и Петре) со решителни чекори влегов во водата решена да се оладам и со исто така решителни чекори излегов. Тоа што децата се брчкаа во плиткото, а други повозрасни од домородното население дури и пливаа, сиве овие години не ја промени мојата медитеранска пристрасност и навиките. Нездраво студено беше и точка.

За оние што и покрај препораките решиле да одат во странство, но и за оние што доаѓаат во земјата, има таканаречени семафор правила. Од земјите во црвена зона, со негативен ковид-тест се оди директно во карантин, на своја сметка. Од земјите во портокалова зона, се оди во домашен 10-дневен карантин со претходен негативен ковид-тест и уплатени два ковид-теста дома на своја сметка. Од земјите во зелена зона нема карантин, нема тест. Ама, искрено речено, речиси и нема земја во зелена зона.

Откако пуштија 20.000 луѓе во земјата од Индија со авиони пред да ја стават на црвена листа, откако почна да се шири индиската варијанта на ковид-19, откако се олабавија мерките за ограничување на движењето и проработеа кафаните, рестораните, кината и театрите, откако се намали бројот на смртни случаи, откако речиси две третини и од луѓето во земјата се вакцинирани, откако изгледа целосната релаксација на ковид-мерките нема да се случи на 21 јуни, владата ја помести Португалија од портокалова во црвена зона. Нагло кочење, што да ви кажувам, верижна реакција. За речникот пак што го употребуваа годишноодморците на сметка на владата и на БоЏо, слепени, нервозни, растриени, раскарани, брзајќи да се вратат во татковината пред „да ги фати“ карантинот… ист е. И на англиски и на македонски.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот