Ковид-пандемијата усмрти речиси 15 милиони луѓе низ светот, велат од СЗО

Германија ковид-19 коронавирус
Фото: EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека пандемијата на коронавирус убила речиси 15 милиони луѓе ширум светот, што е 13 отсто повеќе смртни случаи од очекуваното, пишува Би-Би-Си.

СЗО смета дека многу земји ја потцениле битката со смртните случаи од Ковид, имајќи предвид дека претходно биле пријавени само 5,4 милиони смртни случаи од коронавирусот.

Во Индија имало 4,7 милиони смртни случаи од Ковид, 10 пати повеќе од официјалните бројки.

Индиската Влада ја доведе во прашање проценката, велејќи дека постои „загриженост” во врска со методологијата, но и други студии дојдоа до слични заклучоци за бројките на смртни случаи во земјата.

Бројот на ковид-случаи во светот/ Фото Би-Би-Си/ СЗО

Мерката што ја користи СЗО се нарекува вишок на смртни случаи, односно колку луѓе починале повеќе отколку што инаку би се очекувало врз основа на смртноста во истата област пред да се појави пандемијата.

Овие пресметки ги земаат предвид и смртните случаи кои не биле директна последица на Ковид, туку биле предизвикани од неговите негативни ефекти, како што се луѓето кои не можат да пристапат до болниците за негата што им е потребна. Ова го објаснува и лошото водење на евиденција во некои региони и реткото тестирање на почетокот на кризата.

Бројот на смртни случаи предизвикани од ковид/ Фото Би-Би-Си/ Податоци на СЗО

СЗО сепак соопшти дека повеќето од дополнителните 9,5 милиони смртни случаи забележани над 5,4 милиони пријавени смртни случаи од ковид се сметаат за директни смртни случаи предизвикани од коронавирусот, а не индиректни смртни случаи.

При објавувањето на резултатите од истражувањето, шефицата на одделот за податоци на СЗО, Самира Асма, рече дека тоа е трагедија.

– Тоа е неверојатна бројка и за нас е важно да им оддадеме почит на изгубените животи и треба да бараме одговорност од креаторите на политиката, рече таа.

Според податоците на СЗО, покрај Индија, земји со најголем број на смртни случаи се Русија, Индонезија, САД, Бразил, Мексико и Перу.

Бројот на смртни случаи предизвикани од ковид/ Фото Би-Би-Си/ Податоци на СЗО

Извештајот, исто така, ги разгледува вишокот на смртност во однос на населението на секоја земја. Вишокот на смртност во Велика Британија – како и САД, Шпанија и Германија – била над светскиот просек во 2020 и 2021 година.

Земји со ниска стапка на вишок на смртност се Кина, која продолжува да спроведува политика на „нулта толеранција”, Австралија, која воведе строги ограничувања за патувања за да го задржи вирусот надвор од земјата, Јапонија и Норвешка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот