Ковид-19: Велика Британија ја скрати изолацијата од 14 на 10 дена
Патниците кои пристигнуваат во Велика Британија а на кои се однесуваат мерките за изолација или граѓани кои се во контакт со позитивно лице тестирано за Ковид-19, веќе не мора да одат во изолација 14 туку само десет дена, одлучија здравствените власти.
„По разгледувањето на најновите податоци, сега сме убедени дека можеме да го намалиме бројот на денови на изолација од 14 на 10 дена”, велат здравствените власти од Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска во заедничко соопштение.
Со повеќе од 63 000 смртни случаи, Британија е најсилно погодена европска земја во пандемијата.
Скратувањето на изолацијата ќе стапи во сила в понеделник, на 14 декември, во Англија, Шкотска и Северна Ирска, а Велс веќе започна со спроведување на мерката.
Британската влада прецизираше на крајот на ноември дека од 15 декември, патниците кои пристигнуваат во Англија со авион, траекти и воз можат да ја прекинат изолацијата ако имаат негативен тест за Ковид-19 најмалку пет дена по пристигнувањето и ќе треба да резервираат тест пред патувањето и да останат изолирани до тестот, што треба сами да го платат.